УБК испраќала лица што не се вработени во МВР на обука за опремата за прислушување

0
60

(Дубаи – Портал) – Во 2011 две лица што немале никаква поврзаност со МВР и не поседувале безбедносни сертификати, а кои работеле во фирми за телефонски уреди, од страна на раководството на УБК биле испратени на службено патување во Германија на обука за опремата за прислушување. Двете лица биле во придружба на Николче Пауновски и Владимир Варелов, вработени во УБК.

Според кажувањата на Пауновски, двете лица што биле со него и Варелов во Минхен се Александар Буцо од фирмата „Мобико“ и извесен Панде, кој работел во фирмата за телефонски уреди „Циско“.

Пауновски во своето сведочење истакна дека на едно од трите патувања во Минхен тој и Варелов во меѓусебен разговор заклучиле дека воопшто нема да работат со опремата, туку таа се купува и подготвува за сосема други лица да работат со неа.

Пауновски, одговарајќи на прашање на обвинителот од СЈО, Артан Ајро, рече дека не знае точно кој ја плаќал обуката во Минхен, но сите четворица биле испратени од страна на тогашниот началник на УБК, Горан Грујевски, кој моментно се наоѓа во бегство.

Александар и Панде од „Мобико“ и „Циско“ се наоѓаат во листата на сведоци на СЈО и ќе бидат повикани во некои од наредните рочишта.

Во случајот „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник за координација и поддршка при УБК, Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувањата и предизвикување штета на буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Mahir Demişoski