Ќуфа: ДУИ го подготвува теренот за заеднички листи со СДСМ

0
198

(Дубаи – Портал) – Поранешните команданти на ОНА, Рафиз Алити, Хазби Лика, Шевал Цеку и Назим Буши, загрижени поради идејата за распуштање на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор, се сретнаа со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, изјави Рафиз Алити во синоќешниот дебатен магазин „Клик Плус“. На средбата, како што вели, го разгледале законот и размениле мислења. Алити вели дека се чувствува лошо што мора да зборува за пратениците од неговата партија и уверува дека за ова прашање треба да бидат консултирани сите оние кои дале придонес за постигнување на Охридскиот договор.

-Јас искрено ви велам. Не се чувствувам добро што зборувам за моите пратеници. Не е убаво чувството јас да зборувам за таа иницијатива која е покрената за распуштање на Секретаријатот. Интересот на Албанците е – или Секретаријатот да остане, или пак, новото министерство да се вика Министерство за спроведување на Охридскиот договор и политички систем. Тоа е капитал на секој политички субјект кој ќе дојде по ДУИ. ДУИ не е вечна и нема вечно да биде на власт, но институциите се тие кои остануваат-вели Алити.

Од друга страна, екс-командатот Зулфи Адили-Ќуфа, вели дека Али Ахмети го подготвува теренот за на следните избори да излезе со заеднички листи со СДСМ.

-Али Ахмети со оваа иницијатива, со гаснењето на ССОД, всушност го гаси Охридскиот договор за да го подготви теренот за утре ДУИ, на следните избори да излезе со заеднички листи со СДСМ. Ќе бидам искрен – неговата и политиката на ДУИ на некој начин значи дека во Македонија ни се враќа „братството единство-вели Ќуфа.

Новинарот Арбен Раткоцери, со став дека Албанците имаат поголеми потреби отколку Охридскиот договор.

-Веќе не сме 2001-ва, туку 2019-та. Албанците имаат други потреби отколку Охридскиот договор. Албанците имаат потреба за подобри училишта. Албанците имаат потреба за вработување и подобри плати. Албанците имаат потреба за квалитетно здравство, инфраструктура и други работи. Албанците се уморни сѐ да се прави во име на 2001-та – вели Раткоцери.

Останува да се дознае дали командантите заминуваат од политиката и дали Секретаријатот сепак ќе „згасне“, но како што вели Раткоцери, токму претседателот на Собранието, Талат Џафери, е еден од екс-командантите на ОНА.

Mahir Demişoski