(Дубаи – Портал) – Сите документи: декларации, фактури, сертификати и одобренија на македонските извозници во Грција да бидат со новото име на земјава, налага грчката царина.
Гувернерот на грчкиот самостоен орган за јавни приходи Јоргос Пицилис издал правилник со инструкции за царината, пишуваат грчките медиуми.
„Затоа ги повикуваме економските оператори кои се занимаваат со царини да се осигураат дека точното име на Северна Македонија стои во сите документи испратени од нивните добавувачи“, се вели во повикот до грчките фирми кои набавуваат од Македонија.
Освен документите, во правилникот се вели дека, со новото име мора да бидат и сертификатите за транзит ЕУР1 и ЕУР-МЕД. Доколку не се променети – тие ќе бидат одбиени од технички причини и надлежните власти во земајва ќе мора да издадат нови. Сертификатите треба да ги услогласат и грчките извозници.
Во правилникот меѓудругото стои дека Грчката царина нема обврска да ги контролира трговските марки и имиња на стоката која се увезува од кај нас.
– Не постои обврска за царинските органи да ги контролираат трговските имиња и трговските марки на стоката увезена во нашата земја, бидејќи Спогодбата предвидува формирање на меѓународна група стручњаци за барање на взаемно прифатливи решенија во рок од три години. Како резултат на тоа, постојната трговска практика е прифатена од страна на царинските органи и, доколку има какви било промени, ќе се усвојат нови директиви – се вели во Правилникот.
Бизнисмените кај нас велат дека услогласувањето на документите си тече без никаков проблем и до сега не наишле на некаков одбивање од грчка страна. Нашите фирми досега не се пожалиле во Стопанската комора.
Mahir Demişoski









