Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска во Собранието на Република Северна Македонија на 22. седница на Комисијата за здравство, учествуваше и се обрати на јавната расправа за Предлог-законот за прекинување на бременоста.
„Мајчинството е ексклузивно право на жената, на бројот на деца, доколку таа сака. Тоа не е работа на судии, попови, оџи, лекари, а најмалку на политиката да одлучува за ова право на жената. Наша задача е да обезбедиме услови тоа право жената да си го добие, а државата да обезбеди институции и експертиза за тоа квалитетно и стручно да се заврши“, истакна министерот доц. д-р Венко Филипче, појаснувајќи дека со законските измени се укинуваат административните бариери, односно чекање од три дена по советувањето.
Со овој закон се обезбедува почитување на достоинството на бремената жена, на правата на приватност, информираност, прифаќање и одбивање медицинска интервенција и информација, доверливост на личните и медицинските податоци согласно прописите од областа на заштитата на правата на пациентите и на здравствената заштита. Жената ќе го оствари правото за безбеден прекин на бременоста и укинување на постојните административни процедури-бариери, кои го одолжуваа спроведувањето на постапката за прекин на бременоста.
„Приватноста на жената е заштитена, таа има слобода да одлучува, да се советува, да има пристап до безбедна и квалитетна интервенција и примена на препорачаните методи на прекин на бременоста. Исто така, ќе и бидат овозможени комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата, што може да се очекува за време на прекинувањето на бременоста и по завршувањето на постапката, за методите на контрацепција пред и по спроведувањето на прекинување на бременоста на начин разбирлив за жената за да може да донесе одлука и да даде изјава за согласност“, посочи министерот Филипче.










