Дали скопскиот кривичен суд ќе испрати ново барање за одземање на пратеничкиот имунитет на екс собранискиот спикер Трајко Вељаноски засега е неизвесно.
Од судот велат дека првично нивната работа ја завршиле.
Откако го добиле предлогот за притвор од обвинителството веднаш го известиле Собранието. Како ќе се постапи ќе се одлучува откако ќе добијат некакво известување од Талат Џафери.
Премиерот Зоран Заев смета дека Собранието требало да постапи како и по сите барања кои доаѓале од судот.
Од обвинителството пак велат дека постапката против Вељаноски ќе продолжи иако засега не може да се утврди дали оваа ситуација може да биде на штета на истрагата.
Имунитетот на Вељаноски се спаси откако по синоќешната турбулентна седница беше пробиен рокот за гласање. Дел од аналитичарите се на став дека како што велат намерното неодлучување на Собранието е на штета на владеењето на правото. Аналитичарот Мерсел Биљали се сомнева дека приватните релации меѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ со ова полека излегуваат на виделина.
Освен имунитетот на Вељаноски, преживеа и оној на пратеникот Љупчо Димовски кој е осомничен како поранешен министер за земјоделство во истрага на обвинителството во врска со доделување земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште. Собранискиот спикер Џафери слично како и со случајот за Вељаноски, рече дека поради истекот на рокот не била закажана седница за одземање на имунитетот на Димовски.










