Делата покажаа дека Северна Македонија и Албанија се вистински пријатели. Ова го изјави министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, по средбата со нејзината колешка од Албанија, Олта Џачка. Шеќеринска рече дека вистинското пријателство и почитување на нашата земја, Албанија ја докажа со континуираната поддршка за членство во НАТО, исклучително брзата ратификација на Протоколот за пристапување, после Грција и Словенија. Таа ги истакна и активностите во кои двете земји ќе соработуваат како сојузници.
Вицепремиерката Радмила Шекеринска и честиташе на министерката Џачка за одбележувањето на десетгодишнината од членството на Албанија во НАТО. Министерката за одбрана на Албанија изјави дека е добро што политичкиот и граѓански фактор на Албанците во Македонија одиграа конструктивна улога за последните достигнувања на земјата. Таа додаде дека со Преспанскиот договор и Законот за јазиците, се покажа храбро и визионерско лидерство.
„Од денес целиот регион ќе биде побезбеден, постабилен и убедена сум дека сите заедно ќе можеме да гледаме кон иднината со повеќе оптимизам. Албанија отсекогаш ја сметаше стабилноста и безбедноста на Северна Македонија како еден од клучните услови за гарантирање на безбедноста на регионот“, рече министерката Олта Џачка.
За време на официјалната посета во земјава, министерката за одбрана Олта Џачка оствари средба и со премиерот Зоран Заев и спикерот на парламентот Талат Џафери.










