Богоевски: Џафери го злоупотреби Собранието и направи будали од нас, за да го заштити Вељаноски од притвор

0
177

Претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања Павле Богоевски вели дека претседателот на Собранието Талат Џафери вчера го злоупотребил Собранието и го заштитил Трајко Вељаноски од притвор за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017. Богоевски потсети дека нападот на 27 април следуваше веднаш по изборот на Џафери за претседател на Собранието.

„Нашиот глас за Талат Џафери на 27 април резултираше со обид за наше убиство и терористички акт врз законодавниот дом. Тој немаше ниту гребнатинка. Вчера, тој го злоупотреби истото Собрание и го заштити организаторот од притвор, правејќи будали од сите нас“, напиша Богоевски на Фејсбук.

Ноќеска, Џафери ја прекина собраниската седница и воопшто не се гласаше за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски, еден од шестемина осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во најновата истрага на Обвинителството за организиран криминал за нарачување и организација на нападот на Собранието на 27 април 2017, и за него се бара притвор поради можност за бегство и влијание врз сведоци.

Богоевски во објавата на Фејсбук вели и дека е лага дека денешните парламентарни седници се одложени поради тоа што дел од пратениците се на службен пат.