„Корупцијата и непотизмот, закана за општеството на Република Северна Македонија“

0
202

Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на конференцијата изјави дека сите феномени на корупција, на судир на интереси и на непотизам, на сите нивоа, се една од најподмолните закани за општеството и за сите граѓани во него.

СКОПЈЕ (AA) – Корупцијата ги поткопува демократските процеси, го забавува економскиот раст и предизвикува несигурност во државата, а директно го напаѓа владеењето на правото во владините институции. Ова беше заклучокот од воведната сесија на конференцијата „Институционални реформи за борба против корупцијата, најдобрите практики до eвропски модел“, која се одржува во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, во обраќањето на отворањето на конференцијата, рече дека корупцијата создава соодветно опкружување за криминалните активности во државата, како што се перењето пари и голем број други нелегални активности.

Тој рече дека бројките на Светскиот економски форум велат дека корупцијата создадена во светската економија изнесува 2,6 трилиони долари годишно.

„Институциите кои го откриле овој феномен ќе мора да работат заедно со експертите и надлежните, па тука сме да ги споделиме најдобрите искуства од областа на борбата против корупцијата“, рече Која.

Италијанскиот амбасадор во Скопје, Карло Ромео, во својот говор рече дека усвојувањето на Законот за спречување на корупцијата во Собранието пред еден ден и основањето на Државната комисија за спречување на корупцијата е добра иницијатива за земјата, бидејќи оваа појава е многу штетна за институциите на државата, како и за државата во целина.

Тој рече дека Италија вложува многу во оваа борба, но смета дека успехот во голема мера зависи од меѓународната соработка.

Ромео во својот говор ѝ честиташе на Државната комисија за спречување на корупцијата за работата да произведе конкретни плодови кои ќе бидат признаени од страна на граѓанското општество и ќе бидат почеток на суштински реформи.

„Политичката волја и судската независност се клучни за борбата и спречувањето на корупцијата. Тоа се клучните прашања и предизвици што ќе ѝ овозможат на земјата да влезе во преговори со Европската Унија во јуни оваа година, што е стратешка определба на Северна Македонија. Италија ќе продолжи безрезервно да ја поддржува“, рече Ромео.

Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, изјави дека сите феномени на корупција, на судир на интереси и на непотизам, на сите нивоа, се една од најподмолните закани за општеството и за сите граѓани во него. Според Заев, општеството, институциите, особено оние институции и поединци кои се најодговорни и најповикани, мораат да ги препознаат, спречат и казнат сите форми на корупција.

Тој рече дека како резултат на препораките на меѓународните форуми и експертите за спречување и борба против корупцијата, Република Северна Македонија изготви и во сила е закон кој ги обединува најдобрите европски искуства и практики. Според новите законски прописи, рече Заев, на најтранспарентен начин е избрана нова Државна комисија за спречување на корупцијата и конфликтите на интереси.

„Сега ги очекуваме резултатите од овие законски и институционални реформи. Од друга страна, нема да имаат никаков ефект институциите утврдени со законите и во стратегиите, само врз основа на убавите желби и зборови. Нема да има ефект ако суштински не е обезбедено владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите, како и одговорност пред правдата за сите кои се огрешиле пред законите. Никој, кој и да е – не смее да биде привилегиран. И никој не смее да биде изземен од одговорност. Институциите се тука да истражуваат, да прашуваат, да расчистуваат, а ние како граѓани и носители на јавни функции сме должни да одговараме“, рече Заев.

Главното предавање за италијанското искуство во борбата против корупцијата на оваа конференција е на Рафаеле Кантоне, претседател на Националната власт за борба против корупција на Италија.