Претседателот на партијата„ Алтернатива“ која настана по расколот во „Беса“, Африм Гаши по средбата со премиерот Заев изјави дека за партијата е повеќе прифатлив „натпартиски кандидат“ кој не давал „несреќни изјави“ во минатото.
„ Човек претставителен, со добра кариера, со добар бекграунд, со добро сиви, кој добро би не претставил надвор како држава. Но, кој би ги сплотувал и сите граѓани внатре во државата.
Ние имаме мислење за одредени кандидати, секако, но во оваа фаза мислиме дека се уште е рано да се дадат квалификации за одредени кандидати“ рече Гаши.
Гаши исто така кажа дека за нив повеќе прифатлива идејата да се настапи со консензуален претседател кој би бил прифатлив за што повеќе граѓани.
Партиски извори брифираат дека на средбата меѓу Заев и Гаши се разговарало за четворица кандидати за претседател: Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Никола Димитров и Стево Пендаровски.
Во тек е средбата на Заев со претседателот на ДПА Мендух Тачи за консензуален претседател.
Во текот на вчерашниот ден, Заев имаше средба и со претседателот на ДУИ Али Ахмети. Ахмети кажа дека политичките фактори имаат одговорност одлуките што ќе се носат да бидат во корист на државата, мнозинството граѓани и на партиите и најави дека разговорите продолжуваат на ниво на организациски секретари.
Утре Заев ќе се сретне претседателот на Алијансата на Албанците Зијадин Села, а во четврток со Билал Касами, претседател на БЕСА.











