Заев: Владата неуморно ќе работи за создавање здравствен систем по европски стандарди

0
174

Со задоволство можам да кажам дека оваа здравствена установа со условите коишто ги нуди за своите пациенти веќе наликува на современите болници во Европа, истакна премиерот на Македонија, Зоран Заев, кој заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, ја посетија Клиниката за неврологија, во рамки на комплексот клиники „Мајка Тереза“, во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).

По обиколката на Клиниката за неврологија, премиерот Зоран Заев истакна дека Владата, многу наскоро како Влада на Северна Македонија, и натаму неуморно ќе работи за создавање здравствен систем по европски стандарди.

„Можам со задоволство да кажам дека оваа здравствена установа со условите коишто ги нуди за своите пациенти, нашите граѓани, веќе наликува на современите болници во Европа“, нагласи премиерот.

Тој, исто така, ги соопшти и новитетите на Клиниката за неврологија, меѓу кои се новиот апарат за биопсија на мускул на пациентите.

„Новиот апарат за биопсија на мускул за пациентите ќе овозможи попрезицна дијагноза на невромускулните болести, бенефит пак, од лабораторијата за испитувањето на мозочната течност, којашто е една од најсовремените, ќе биде побрзата, и секако, попрецизната детекција и дијагностицирање на болестите на мозокот. Ова всушност претставува нова метода во нашиот здравствен систем. И конечно, болните од мултиплекс склероза отсега таканаречената биолошка терапија ќе ја примаат на Клиниката за неврологија под соодветен медицински надзор“, истакна Заев.