Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, по повод потпишувањето на Протоколот за членство на Македонија во НАТО од страна на 29-те земји членки, упати честитка до сите граѓани, пренесува Anadolu Agency (AA).
Владата на Република Македонија ја објави честитката на премиерот Заев.
„Ова е голем, историски ден за сите наши граѓани. Денес, најголемиот безбедносен сојуз на светот, НАТО, ни кажа добре дојде. Денес седнавме рамо до рамо со нашите сојузници, на иста маса, во иста алијанса. Среќни сме, и треба да бидеме, бидејќи обезбедивме трајна стабилност за нашата земја. Обезбедивме сигурност, безбедност и мир. Прогресот и развојот сега се незапирливи. Нашите генерации и децата на нашите генерации ќе живеат подобро, во земја и во регион кои зрачат со надеж. Нека ни е честито, да бидеме горди!“, истакна премиерот Заев.
НАТО денеска го потпиша Протоколот за членство на Македонија во Алијансата. На церемонијата одржана во седиштето на НАТО во Брисел, Протоколот во име на Македонија го потпиша шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров. На церемонијата беа присутни генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и постојаните претставници на 29 сојузници на Алијансата.
За започнување на членството на Македонија, Протоколот за пристапување треба да биде ратификуван во парламентите на земјите членки на НАТО, и да се комплетираат одредени официјални процеси.
Во овој период, Македонија ќе биде поканета да учествува на состаноците на НАТО.
Од друга страна, според Договорот од Преспа потпишан меѓу Македонија и Грција, со кој се надмина 28-годишниот спор за името со Грција, името на Македонија официјално ќе се смени во Република Северна Македонија, откако Протоколот за пристапување ќе биде потпишан од страна на Атина, и ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент.
На самитот во Брисел одржан минатата година, НАТО испрати покана за членство на Македонија.
– Историски момент
Столтенберг, во својот говор пред церемонијата за потпишување на Протоколот за пристапување, го опиша тој момент како историски момент. „Долго време очекувавме вие да ни се вклучите во семејството“, истакна Столтенберг.
Министерот за надворешни работи на Македонија, Димитров, во своето обраќање упати благодарност до премиерот на Македонија, Зоран Заев, и до премиерот на Грција, Алексис Ципрас, поради нивните напори за решавање на спорот за името.











