Дваесет и деветте земји членки на Северно-атлантската Алијанса денеска во седиштето на организацијата ќе го потпишат протоколот за членството на Македонија во НАТО.
На официјалната церемонија е поканет министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој ќе присуствува на свечениот чин на потпишување. Потпишувањето ќе се одвива на ниво на постојани дипломатски претставници на земјите членки.
Од денеска, Македонија ќе може да присуствува на сите клучни формати на Алијансата, но нема да има право на глас, ниту ќе може да учествува во најдоверливите и најчувствителните состаноци, сѐ додека не се стекне со потребното знаење и искуство.
– Со овој чекор ќе се заокружи еден значаен дел од пристапниот процес, по што следува процес на ратификација на Пристапниот протокол во националните Парламенти на земјите членки на НАТО. По потпишувањето на Пристапниот протокол, Република Македонија ќе учествува на сите состаноци на НАТО, во својство на поканета земја, велат од Министерството за надворешни работи на Македонија.
По денешното потпишување, почнува процесот на ратификација на протоколот од страна на парламентите на сите земји членки на НАТО, процес кој може да трае до година и половина.
За Македонија се очекува овој процес, сепак, да биде покус, бидејќи тој станува сѐ покус и покус со секоја нова земја членка.
Словенечкиот амбасадор при НАТО, Јелко Кацин верува дека овој протокол може да биде ратификуван до почетокот на идната година, став што го делат многумина во Алијансата. Доколку процесот се забави, тоа би требало да се должи на строго процедурални причини, поради долг процес на ратификација како на пример во Канада и Белгија, но и на политички пречки.
Грција треба да биде првата земја што ќе го ратификува овој протокол. Парламентарната седница во Атина е закажана за в петок, 8 февруари, со што, симболично, Грција ќе и ја „отвори“ вратата за НАТО на Македонија, единаесет години откако ја блокираше во Букурешт.
Димитров: Во НАТО, Македонија добива постабилна европа и поцврста безбедност
Како полноправна членка на НАТО Македонија ќе стане постабилна и со зацврстена безбедност дома и во регионот, додека ратификацијата на протоколот за членството во грчкиот Парламент е завршена работа.
Ова синоќа го изјави македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во текот на дискусија во Атлантскиот Совет во Вашингтон, посветена на зачленувањето на Македонија во НАТО а во рамките на иницијативата „Балкан напред“.
Министерот се обрати пред експерти, претставници на невладини организации и дипломатскиот кор во Вашингтон.
-Ова е историски настан, ја пишуваме историјата со тоа што создаваме посветла иднина во регион полн со историја и конфликти, порача Димитров.
На прашењето на директорот на Атлантски совет, Дејмон Вилсон, што понатаму, и какви се подводните сцили и харибди можат да се појават како резултат на Преспанскиот договор, Димитров е убеден дека грчкиот Парламент ќе гласа позитивно за влезот на Македонија во НАТО, „и формално да се затвори прашањето за името“.
-Многумина политичари од регионот создадоа кариери и политички капитал со ширење на страв и омраза, но ако се донесе надеж тоа ќе чини нечиј политички капитал. Двајцата лидери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, всушност потрошија голем дел од својот политички капитал, иако тие ќе поентираат, но тоа зависи од успешноста на имплементацијата на овој договор, укажа Димитров.
Шефот на макоднската дипломатија додаде дека „треба нешто да се даде ама и нешто да се загуби. И двете страни го сторија тоа“.
Избор:НоваТВ











