До крајот на оваа недела ќе се знае дали заедно со претседателските, ќе се организираат и вонредни парламентарни избори како што бара опозицијата. Одлуката ќе ја донесат партиските органи на владеачките партии СДСМ и ДУИ.
„Оваа недела очекувам сериозни разговори и во рамките на коалицијата, и во рамки на СДСМ, дали заедно со претседателските, ќе имаме и парламентарни избори“, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.
„Мислам дека целиот фокус за сето она што го најавувавме на почетокот на нашиот мандат, треба да го реализираме во следните неколку недели. И така сум убедена дека ќе заслужиме на вистински начин подршка на било кои избори“ рече Шеќеринска.
Во СДСМ има различни мислења дали со претседателските треба да има и вонредни парламентарни избори.
Министерката за правда Рената Дескоска пред два дена се изјасни дека со претседателските треба да се одржат и предвремени парламентарни избори.
– Јас искрено мислам дека треба да има, но тоа е прашање на крај на политичка одлука и анализа во рамките на органите, но јас ќе ја застапувам страната дека треба да се оди на парламентарни избори, заради тоа што одредени политики коишто реално ги промовиравме во изминатиот период и одредени прашања што ќе треба да ги решаваме, би било добро да бидеме со, на некој начин, почисти позиции во рамки на парламентот – рече Дескоска во емисијата 360 степени на Алсат.
И од ДУИ потврдија дека наредниве денови ќе имаат средба со коалиционите партнери, на која ќе се разговара и за заедничкиот кандидат за претседателските избори.
„Ставот на ДУИ е дека е време Македонија да има консензуален кандидат за претседател. Кандидат кој ги надминува етничките и партиските линиии, кој ќе спојува и ќе биде гласот во кризни моменти“ рече заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
Доколку партиите се договорат, предвремените избори би требало да се распишат во првата половина на март, а предвремените парламентарни избори би се одржале на 5 мај за кога се планира да се одржи вториот круг од претседателксите избори.











