ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави против Џафери, Ибраими и Костовски

0
172

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев денеска најави дека неговата партија поднесува кривични пријави против Талат Џафери, Неџбели Ибраими и Мартин Костовски, поради основано сомнение дека извршиле кривични дела „Злоупотреба на службената должност и овластување“ по член 353, „Злосторничко здружување“ по чл.394 и „Саботажа“ по чл.315 од КЗ во врска со Законот за употреба на јазиците.

-Џафери, Ибраими и Костовски, свесно и со целосна умисла извршиле низа кривични дела при што ја злоупотребиле службената положба и овластување и го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на државата. Истите на нечесен и подмолен начин, спротивно на уставот и законите овозможиле објавување на законот за двојазичност без потпис од Претседателот на Републиката, со што се воведува неуставна двојазичност. Власта, иако свесна дека врши противправно дејствие и дека законот за двојазичност е неуставен, факт кој беше нотиран и од Претседателот на државата, но и од страна на многубројни еминентни правници одлучи да продолжи насилнички и незаконски, рече Јанушев на прес конференцијата.

Според него, „Законот за двојазичност во Службен весник е пратен само со потпис на Талат Џафери, што е правен преседан и целосно безаконие, бидејќи уставот стриктно пропишува дека указ за прогласување на закон не може да биде спроведен без потпис на претседателот на Република Македонија“, додека „Ибраими, во својство на техничка служба немал никакво овластување да потпише“. Костовски, според ВМРО ДПМНЕ е одговорен бидејќи не смеел да објави указ за прогласување на закон без потпис на Претседателот.

-Џафери, Ибраими и Костовски извршиле свесно загрозување на уставниот поредок бидејќи јасно е пропишана процедурата за прогласување на законот. Пријавените, свесно спротивно на Уставот на Република Македонија, со прогласувањето и стапувањето на силата на Законот за употреба на јазиците, воведуваат двојазничност на цела територија на Република Македонија, со што го рушат Уставниот поредок на државата, рече Јанушев.

Во име на партијата го повика Јавното обвинителство да постапи по оваа кривична пријава.

Јанушев исто така најави дека во моментов во процес на подготовка е и поднесокот до Уставен суд кој во понеделник ќе биде процесуиран, а со кој партијата бара испитување на уставноста на законот , но истовремено и изрекување на времена мерка за стопирање на имплементацијата на законот.