Иванов: Законите се противуставно објавени, има основа за кривично гонење

0
160

Претседателот Ѓорге Иванов во писмена изјава до медиумите денеска вели дека објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни.

– Доцна синоќа имавме можност да го видиме вистинското лице на владината коалиција на СДСМ и ДУИ која себеси се смета за проевропска. Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење, вели Иванов.

Според него ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото.

-Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони? Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави, подвлекува во писмената изјава претседателот Иванов.

Претходно денеска, Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ соопшти дека во изданието број 7, вчера (14 јануари) ги објави Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанувањe на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и Законот за употреба на јазиците.

Од Службен весник истакнуваат дека двете објави се во согласност со член 52, став 2 од Уставот на Република Македонија (Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од 8 (осум) дена од денот на нивното донесување). Согласно со тоа, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели дека „Секој е должен да го почитува Уставот и законите“ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска, укажуваат од ова ЈП.

Иванов не го потпиша Законот за ратификација на Договорот од Преспа, иако тој беше во два наврати (на 11 јануари и на 14 март минатата година) изгласан во Парламентот, наспроти претседателското право на „суспензивно“, а не на „апсолутно“ вето. Претходно, тој исто постапи и за Законот за употреба на јазиците.

Поради тоа, овие две регулативи не беа објавени сe уште во „Службен весник“ и не можат да стапат во сила.

Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа преку својот фејсбук профил објави дека го испратил во Службен весник Законот за употреба на јазиците. Во кусата објава на фејсбук Џафери на македонски и на албански јазик напиша „Законот за употреба на јазиците и во Службен весник“.

Во октомври минатата година Основното јавно обвинителство информира дека постапувајќи по две анонимни кривични пријави во врска со непотпишувањето на Законот за јазиците и Договорот од Преспа, постапува во предистражна постапка, во насока на проверка на наводите во пријавите.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.