Уставни измени: Беса и СДСМ оптимисти дека ќе се најде решение попладнево

0
187

Се уште нема информации кога же продолжи собраниската седница на чиј дневен ред се уставните измени со цел имплементација на Договорот од Преспа.

Но, извори од Беса за НОВА велат дека во тек се преговори околу нивните барања со која е условена поддршката во Собранието. Според истите извори се очекува до решение да се се дојде попладнево, по што ќе се отвори пат за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство за изгласување на амандманите за промена на Уставот, со цел имплементација на Договорот од Преспа.

Потврда за ова добивме и од партиски извори на Социјалдемократите кои исто така се оптимисти дека решението ќе биде постигнато и ќе биде обезбедено двотретинско мнозинствоза уставните измени.

Во меѓувреме,  како што потврдија извори од СДСМ, се разговара и со други пратеници во Собранието, кои изразиле подготвеност да дадат подршка за уставните измени.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека разговорите со БЕСА на Биљал Касами се за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.

-Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“. Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци, рече Заев на прес-конференцијата по промоцијата на овластен економски оператор.

Во правата фаза од менување на Уставот во последен момент освен 72 пратеници од владејачкото мнозинство, за пристапување кон изменување на Уставот гласаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. За втората фаза, која помина минатиот месец, беа потребни 61 глас од вкупно 120 пратеници. За завршување на третата и последна фаза е потребно двотретинско мнозинство гласови.

За попладнево претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски свика седница на Извршниот комитет на партијата, а во меѓувреме се одржува состанок со пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ. Во текот на денот тие постојано ќе заседаваат за актуелната состојба поврзана со уставните измени.

Од ВМРО ДПМНЕ брифираат дека врз нивните пратеници се вршат жестоки притисоци од власта и од премиерот Заев за обезбедување мнозинство за гласање за уставните измени.

Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев пред состанокот изјави дека е повикана целата пратеничка група. Прашан дали е можно ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти работата во Собранието, Јанушев рече дека ќе биде преиспитано нивното идно делување во институциите.

– Ќе ја следиме состојба во текот на денешниот ден, секако и следните денови и врз основа на тоа ќе донесеме одлуки и заклучоци за нашето понатамошно делување и за што благовремено ќе биде информирана целокупната македонска јавност, рече Јанушев.

На новинарско прашање дали имаат најави дека се вршат некакви преговори со дел од нивните пратеници, Јанушев рече дека она што го знаат во моментов е оти се прават обиди на најгруб можен начин да се изигра правото, правната држава и можноста за слободно одлучување на пратениците.

-Тоа го видовме и бевме сведоци и на 19-ти октомври, приказната ни се повторува. Да почекаме, да не подлегнуваме на шпекулации и дезинформации и да видиме како ќе се одвиваат работите во текот на денешниот и следните денови, рече Јанушев.

Од крилото на Беса чиј претседател е Африм Гаши преку соопштение информираа дека нивните тројца пратеници се за уставни измени. Од таму бараат од медиумите двајцата пратеници од другото крило на Беса, чиј претседател е Биљаљ Касами, а со кои се преговара да гласаат за уставните измени, да ги наведуваат со име.

-Сега, кога е актуелна улогата на пратениците за очекуваните уставни измени, а двајца пратеници, дојдени некогаш од една друга партија во Движењето Беса му се спротивставуваат на овој процес, бараме од медиумите да имаат разбирање за овие разлики и секогаш кога треба да информираат за ставот ‘против’ на тие пратеници, да ги споменуваат преку нивните лични имиња или преку фракцијата која ја претставуваат, се вели во писмената изјава на Гаши.

Притоа, тој уште еднаш потврди дека Движењето Беса со своите три пратеници останува силно посветена на усвојување на уставните измени и членството на земјата во НАТО.

Извор:НоваТВ