Претседателот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите упатена до граѓаните најави дека ќе протестира против уставните измени.
-Денеска е финалниот акт на еден срамен процес во кој Република Македонија е втурната од страна на премиерот Зоран Заев и владејачкото мнозинство. До промената на Уставот со цел промена на уставното име се доаѓа не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски, вели Мицкоски.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“ нема да учествува во тој процес, и на денешната седница, нема да даде како политичка партија легитимитет за промената на Уставот.
Тој ја обвини власта дека промената на Уставот преку промена на уставното име се прави „преку пазарења, драконски уцени, и за таа цел има масовна злоупотреба на обвинителството и судскиот систем“.
-На референдум Зоран Заев не доби поддршка за менување на Уставот и името, туку тоа го прави на криминален начин преку користење на судските и обвинителските механизми за уцена на пратеници да гласаат. Останува запишано дека името не го менуваат граѓаните туку 80 пратеници обезбедени по пат на уцени и закани. Кај дел од пратениците имаме гласање под уцена, а не гласање по убедување и волја. И сега знам дека ќе има такви кои ќе го негираат сето тоа, но сите тука и вие медиумите, и потесната и пошироката јавност добро знаат за задкулисните игри, пазарења, уцени, притисоци и закани кои се одвиваа јавно. И што значеше процесот на селективно помирување на Зоран Заев, и селективните промени на Кривичниот Законик, и притворите и сето останато. На тоа сме сведоци веќе една година, а финалето започнува со денешната седница, вели Мицкоски.
Тој рече дека ова не се европски вредности и дека на ваков начин Македонија останува подалеку од ЕУ. Обвини дека „Заев и неговите соработници преку промена на името сакаат да си ја сочуваат позицијата и привилегиите што тие ги носат“, „се нанесува тешка неправда и прават огромна штета“ и во една ваква ситуација, според него отпорот е она што преостанува.
-Сакам да се обратам и до граѓаните, јас како еден од вас ќе го користам демократското право мирно и достоинствено да протестирам и пркосам за сето она што се случува и ќе се случува денес но и следните денови во Собранието, бидејќи тоа ни преостанува, рече Мицкоски.
Извор:НоваТВ











