Продолжуваат разговорите за обезбедување мнозинство-утре седница за измените на Уставот

0
173

Денеска е најавено продолжение на разговорите на власта со претставниците од опозициските Беса и Алијанса за Албанците за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени.

На денешниот состанок на работната група составена од претставник од Кабинетот на претседателот на Владата, како овластен предлагач на уставните амандмани и на уставниот закон и претставници од раководството и пратениците од Беса, треба да бидат разгледани детално предлозите и да се дефинираат конечните позиции.

Терминот кога точно ќе се случи утрешната средба се уште не се знае, но се знае дека работната група на Беса ќе биде составена од Пратеникот Фадил Зендели, и двајцата потпретседатели Кастриот Реџепи и Ајранит Хоџа.

Од партијата не сакаат да прејудицираат што ќе се случува но велат дека постојат две опции. Првата е Владата да ги прифати како свои и со тоа да се постигне договор за пратениците на БЕСа да гласаат за уставни измени и да се бидат дел од дво третинското мнозинство.

Втората опција е ако денеска не биде постигнат договор сепак Беса како свои амандмани да ги предложи на собраниската седница.

Ова е втора средба со претставници на Беса по онаа во петокот меѓу Касами и Заев.

Единствено лидерите на албанските опозициски партии Беса и Алијанса за Албанците поднесоа амандмани на уставните амандмани во предвидениот законски рок, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува во измените.

Претседателот на Алијансата Зијадин Села најави дека денеска во Парламентот ќе има средба со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во земјава Зоран Јанковиќ, на која се очекува тема да бидат токму Преспанскиот договор и уставните измени. По ова се очекува тој да се сретне и со Заев.

Премиерот Заев изрази оптимизам дека сепак ќе успее да го обезбеди потребното мнозинство во македонското Собрание пред финалното гласање на уставните измени неопходни за имплементација на Договорот од Преспа. Сепак, вели, поддршката со број на пратеници ќе се знае на чинот на гласањето.

-Двете опозициски партии од албанскиот блок досега беа конструктивни во однос на процесот на уставни измени. Дел од нивните сугестии се вградени. Сите политички партии силно го поддржуваме процесот на евро и евроатланските интеграции, но со нив ќе разговараме и за оние работи за кои имаат резерви, изјави Заев.

Клучни барања на Беса се да се прецизира дека државата не е моноетничка, како што имплицира делот “македонско државјанство“, како и во делот на дијаспората. Од Алијансата бараат албанскиот јазик и неговото писмо да се употребуваат на целата територија на државата, по зборовите „самостојна, суверена“ да се додаде „мултиетничка“, а зборовите „македонскиот народ“ да се заменат со „граѓани“, за да се истакне мултиетничкиот карактер на државата.

Третата и последна фаза од имплементацијата на Преспанскиот договор започнува утре кога е закажана седница на Собранието на Република Мкедонија за усвојување на уставните измени. За да помине текстот на амандманите на Уставот предложен од Владата треба да биде поддржан од најмалку две третини од пратениците во законодавниот дом или од 80 пратеници. Потоа топката се префла во Грција. Премиерот Заев верува во зборот  на неговиот грчки колега Ципрас, дека има парламентарно мнозинство за да се ратификува Договорот од Преспа

Извор:НоваТВ