Македонија ќе ја добие првата 10-мегаватна фотоволтаична централа

0
329

Наредната година Македонија ќе ја добие првата 10-мегаватна фотоволтаична централа во околината на РЕК „Осломеј“. Електраната ќе произведува околу 15 гигават часови електрична енергија, доволни за покривање на годишните потреби на околу 2000 домаќинства во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

Во Владата на Република Македонија денеска беше потпишан договор за заем помеѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и АД ЕЛЕМ за изградба на фотоволтаичната централа „Осломеј“.

Договорот го потпишаа директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, и директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД, Хари Бојд Карпентер.

„Ова е прв проект од фотоволтаично производство на електрична енергија во нашето портфолио, вреден околу 7 милиони евра, од кои 5,9 милиони евра се кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а остатокот од средствата се сопствени средства на АД ЕЛЕМ. Вкупното годишно производство од новата фотоволтаична електрана ќе биде околу 15 гигават часови, што е доволно за покривање на годишните потреби на околу 2000 домаќинства во Република Македонија“, изјави Миновски.

Премиерот Зоран Заев истакна дека изградбата на фотоволтаичната централа е значајна бидејќи се работи за еколошки проект.

„Овој проект којшто денеска го најавуваме навистина е убава порака за економијата којашто во најава толку долго ја очекуваме да даде соодветни резултати. Убавината е затоа што инвестицијата влегува во еден од најзначајните сектори во Македонија, а тоа е енергетиката, каде што имаме и најголем потенцијал за подигнување на бруто домашното производство, како и сериозен потенцијал да го покриеме недостатокот на енергија“, рече Заев.