Армијата навистина ја претставува Република Македонија во целост, таква каква што е, етнички разнолика и побогата држава, истакна министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, обракајќи се на свечената церемонија за прием на 130 професионални војници во редовите на Армијата на Република Македонија (АРМ), 3-тата група од вкупно 375 професионални војници примени во Армијата оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченоста, посакувајќи им добредојде на новите професионални војници на АРМ, министерката за одбрана, Шекеринска, нагласи дека етничката разноликост на Армијата државата ја прави побогата, и дека Македонија ја претставува во целост.
„Оваа разноликост е уникатна предност, и на Македонија, но и на Армијата на Република Македонија. Затоа што секој од вас носи различно искуство, традиции, но ги споделува истите предности, истиот мотив и истата желба да се биде дел од развиениот свет. Разноликост имаме и во поглед на полот: од вкупно 375 професионални војници, 48 се девојки и жени“, истакна Шекеринска.
„Македонија излезе од изолација и веќе од 2019 година ќе седне на истата маса со најмоќните држави во светот. 29 сојузници ќе бидат сојузници и на нашата држава. По формалниот прием, и нашиот, па и вашиот глас, ќе бидат слушнати и ќе дадат придонес кон одлуките на НАТО Алијансата“, нагласи министерката за одбрана.
Таа, на свеченоста одржана во касарната „Илинден“, исто така нагласи дека „АРМ во НАТО ќе влезе гордо, достоинствено и исправено“, и потсети дека од септември следната година платите во Армијата ќе бидат зголемени за 5 проценти.
Првата група професионални војници во Армијата на РМ беа примени во јули, втората во октомври оваа година.
На денешната свеченост присуствуваа и заменик-министерот за одбрана, Беким Максути и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски.











