Загинатите во автобуската несреќа се од с. Бучин и од Кочани

0
327

Идентификувани се две од трите лица кои загинаа во автобуската несреќа кај Лесковац. МНР добило потврда дека станува збор за 68 годишен маж од село Бучин, Крушево со иницијали В.Ш и 68 годишна жена од Кочани со иницијали К.К.

На двете лица, идентитетот им бил утврден од личните документи. Кај третата жртва не се пронајдени документи и сеуште нема потврда на нејзиниот идентитет.

Несреќата се случи кога автобус на струшката компанија Еуробус кој патувал од Битола за Виена излетал од патот, ја пробил  заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац.

Во животна опасност се уште 4 лица кои се пренесени во болницата во Ниш. Полесно се повредени 23 лица.

Автобусот е сопственост на струшката компанија Еуробус и вчера во 19 часот тргнал од Битола за Виена.

Сопственикот на „Еуробус“ Џитан Истрефи за МИА изјави дека автобусот, произведен во 2006 година, редовно ги поминувал техничките прегледи.

– Испративме друг автобус и наши вработени на местото на несреќата за да ја видат состојбата и да се преземе се што е потребно. Нашите автобуси редовно се сервисираат, кај нас нема грешки, изјави Истрефи, не изнесувајќи други детали за несреќата.

Министерот за здравство Филипче, генералниот секретар на Владата Рашкоски и претставник на амбасадата на Македонија во Белград се упатиле кон местото на несреќата.

Причините за несреќата се уште се утврдуваат. Во Лесковац врнело дожд, а по полноќ паѓал и снег и се претпоставува дека влажниот коловоз може да е причина за несреќата.

Извор:НоваТВ