Стопанската комора на северозападна Македонија денеска го промовира третото издание на бизнис-каталогот „Топ 100“, во кој се опфатени 100-те најдобри компании во Македонија во сопственост на припадници на албанската заедница, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченaтa промоција на каталогот „Топ 100“, во кој е направен избор на најдобри компании од албанската бизнис-заедница во Република Македонија за минатата година, присуствуваше и премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.
Премиерот Заев, во обраќањето пред бизнисмените потенцира дека казните за малите фирми со новиот закон ќе се намалат за 60 проценти и максималните глоби ќе изнесуваат од 50 до 2.000 евра, за разлика од глобите регулирани со претходниот закон кои достигнуваа до 5.000 евра.
При одредувањето на глобата, како што рече премиерот, ќе се води сметка за остварениот приход, бројот на вработени и евентуалните претходни санкционирања.
„Владата на Република Македонија излезе во пресрет и одговори на барањата на бизнис-заедницата за намалување на драконските ригорозни казни кои во минатото се злоупотребуваа за затворање и уништување на фирмите и за уцени. Отсега натаму, казните ќе бидат правични и сразмерни. Ќе се направи градација помеѓу мали, средни и големи претпријатија“, нагласи Заев.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, рече дека за постигнувањето на најголемите успеси на домашните компании неопходна е соработката на највисоко ниво со извршната власт.
„Дури и ние, сами, во нашата земја секојдневно сме сведоци на економската криза и економскиот раст, но може да се каже дека економијата е во вистинскиот правец да создаде поволно деловно опкружување и да им овозможи на компаниите во земјата да тргнуваат на регионални и глобални пазари. Претприемиштвото на глобалниот пазар е успех и на компаниите и на државатa“, рече Хоџа.
Хоџа додаде дека Стопанската комора на северозападна Македонија има должност да биде коректор на макроекономските политики и во секое време да побара одговорност од власта за бизнис-потребите.
На промоцијата на каталогот „ТОП 100“, покрај премиерот Заев, присуствуваа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, вицепремиерот Бујар Османи и други високи претставници од власта, амбасадори, стопанственици и други претставници од меѓународната заедница, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
На настанот присуствуваше и Д-р Билал Суџубаши главен извршен директор на „Халк банк АД Скопје“, која е еден од спонзорите на промовирањето на бизнис-каталогот „Топ 100“.










