Делегацијата на Војската на Црна Гора, предводена од началникот на Генералштабот, бригадниот генерал Драгутин Дакиќ, во рамки на дводневната официјална посета на Република Македонија и на Армијата на Република Македонија, денес во Скопје имаше официјални средби во Министерството за одбрана и во Генералштабот на АРМ, пренесува Anadolu Agency (AA).

Драгутин Дакиќ, началникот на Генералштабот, по пречекот со високи воени почести оствари средба со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајорот Васко Ѓурчиновски. Потоа, придружувани од амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Предраг Митровиќ, остварија средба и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
За време на средбата, како што соопшти Генералштабот на АРМ, министерката Шекеринска го истакна пријателството и одличната билатерална соработка со Црна Гора во одбраната и се заблагодари на поддршката од Црна Гора за интеграциите на Република Македонија во НАТО.

„Потврдата за искрената и пријателска соработка беше истакната и од страна на генералот Дачиќ, кој кажа дека Црна Гора како земја членка во НАТО Алијансата искрено ги споделува искуствата од процесот на трансформација и од почетоците на полноправното членство во Алијансата“, се вели во соопштението.
Во текот на попладневните часови генералот Дакиќ ќе биде примен и од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а ќе присуствува и на трилатералниот заеднички концерт на воените оркестри на Република Македонија, Република Бугарија и Република Црна Гора, кој ќе се реализира вечерва во Домот на АРМ во Скопје.











