Македонија и Чешка потпишаа Протокол за реадмисија

0
174

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, и министерот за внатрешни работи на Чешката Република, Јан Хамачек, денеска во Прага го потпишаа Протоколот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Чешката Република за спроведување на Спогодбата за преземање лица со незаконски престој (Протокол за реадмисија), пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи на Македонија, со Спогодбата за преземање лица со незаконски престој се овозможува регулирање на процедурите за преземање лица со незаконски престој меѓу двете држави, но и дополнително се зајакнува соработката, со цел поефикасна борба против илегалната миграција.

На денешната средба министрите Спасовски и Хамачек ја потенцираа добрата соработка меѓу двете држави.

„Министерот Спасовски се заблагодари на Чешката Република и Министерството за внатрешни работи за несебичната поддршка и помош за македонската полиција во справувањето со миграциската криза, еден од најголемите предизвици за Република Македонија, со кој можевме да се справиме само преку заемна соработка меѓу државите од регионот, поткрепена со силната поддршка на државите од Вишеградската група и Европската Унија“, се вели во соопштението на МВР и се наведува дека Чешка многу ѝ помогнала на Македонија во текот на справувањето со миграциската криза.

„Чешката Република направи многу за да ѝ помогне на Република Македонија и тоа преку доделени донации за справување со последиците од миграциската криза, како и за зголемување на капацитетите на македонската полиција, но и со присуство на контингентите на чешките полициски службеници, кои учествуваат во заедничките активности со македонските полициски службеници за зајакнат надзор и контрола на нашата јужна граница“, се истакнува во соопштението.