Со 62 гласа „за“, Собранието на Република Македонија на пленарна седница одржана вечерва му го одзеде пратеничкиот имунитет на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот премиер Никола Груевски, јавува Anadolu Agency (AA).
На пленеарната седница во Собранието на Република Македонија не присуствуваше ниту еден пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно денеска, Собраниската комисија за деловнички и мандатноимунитетни прашања, со пет гласа „за” ги усвои шесте барања од судот за одземање на имунитетот на Груевски.
Денешното гласање е иницирано по судско барање, во кое се бара приведување на Груевски кој се обвинува за неколку одделни судски процеси, за изборни нерегуларности во случајот „Титаник“, за нерегуларности за време на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, познат како случај „Траекторија“, за рушење на објектот Космос, за „ТНТ“, за нелегалното финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, познато како судски процес „Талир“, како и за наредбата за поттикнување насилство во општина Центар, случај познат како „Шлаканици во Центар“.
Инаку, на 9 ноември оваа година, Собранието не му го одзеде пратеничкиот мандат на Груевски, бидејќи на гласањето немаше двотретинско мнозинство. За одземање на мандатот на Груевски тогаш гласаа 58 пратеници, а 29 беа против. За симнување пратенички имунитет потребно е апсолутно мнозинство од 61 пратеник, од 120-те пратеници, колку што вкупно брои Собранието на Република Македонија.
Поранешниот премиер Груевски е осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, во врска со луксузниот автомобил, марка „мерцедес“, во вредност од околу 570.000 евра.
Груевски на 13 ноември во објава на неговиот официјален Фејсбук профил објави дека се наоѓа во Унгарија, каде побарал политички азил, а на 20 ноември, исто така преку објава на Фејсбук, потврди дека Унгарија позитивно одговорила на неговото барање за азил.










