Заев за уставните измени: „Верувам дека бројката од 80 пратеници може да се зголеми“

0
192

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во однос на средбата со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и со поранешниот министер Никола Тодоров, одржана за време на викендот во Струмица, изјави дека нивната јасна изразена одговорност може многу да ги охрабри одредени пратеници да гласаат за уставните измени и дека верува оти бројката од 80 пратеници може да се зголеми многу повеќе, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Заев имаше свое обраќање на Регионалниот форум „Промовирање на имплементацијата на Истанбулската конвенција во земјите на Западен Балкан и во Турција – Интегрирани политики, инклузивни партнерства“, а потоа одговараше на новинарски прашања.

Заев рече дека во текот на викендот во Струмица се состанал со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и со поранешниот министер Никола Тодоров, за да разговараат за процесот на уставните измени, којшто се наоѓа во собраниска процедура, а дека дебатата околу амандманите треба да започне на 1 декември.

Тој нагласи дека верува оти Јанчев и Тодоров, иако се исклучени од ВМРО ДПМНЕ, комуницираат со многу пратеници и имаат влијание.

„Секако, нивното влијание не е од политички позиции, особено во партијата, но и покрај тоа што се исклучени, тие се чуствуваат ВМРО-ДПМНЕ, и верувам дека комуницираат со многу пратеници, така барем ми потврдуваат, такви се и моите чувства. Продолжуваме врз основа на разговори, врз основа на аргументи, врз основа на одговорност која сите ја имаме да се обидеме да помогнеме во целиот овој процес“, истакна премиерот Зоран Заев.

Уставните измени се дел од Договорот од Преспа, потпишан во јуни од страна на владите на Македонија и на Грција, чие спроведување е услов за членството на земјата во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ.

На новинарското прашање „Би прифатиле ли да се кандидирате за претседател на Македонија“, Заев изјави дека не би прифатил, бидејќи тоа би значело бегање од одговорноста.

„Моите ставови се дека треба да се истрае еден цел мандат, да се даде шанса на економијата, на реформите, на целиот овој процес“, рече премиерот.

Тој, исто така, додаде дека има многу подобри кандидати од него за претседател на Република Македонија.