Денес во Истанбул започна 9. меѓународен Босфорски економски самит на тема „Одржливиот мир и развој за сите“, на кој свое обраќање имаше и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, јавува Anadolu Agency (AA).
Иванов на почетокот им честита на организаторите за Самитот, кој како што рече, придонесува кон раѓање нова парадигма што треба да понуди иновативни и креативни решенија за глобалните предизвици.
Тој нагласи дека ако не може да се воспостави мир, неговата цена мора да биде платена со милиони животи, како во светските војни.
„На 11 ноември, со претседателот Ердоган и другите светски лидери бевме во Париз каде ја одбележавме 100. годишнина од крајот на Првата светска војна. Големата лекција од Првата светска војна беше дека неправедниот мир кој исклучува и понижува, не може да биде одржлив“, рече Иванов и додаде дека таа лекција е скапо платена со милионите животи и стравотните уништувања на Втората светска војна.
Тој нагласи дека идејата и проектот за Европската Унија произлегуваат од оваа ситуација.
„Треба да се фокусираме на темите кои нè поврзуваат, а не на проблемите кои нè раздвојуваат“, рече Иванов.
Осврнувајќи се на предизвиците со кои денес се соочуваат економиите, претседателот Иванов ги посочи малите пазари за големите компании.
„Како што границите на Балканот се разгрануваа, така граничните премини се мултиплицираа, а пазарите се ситнеа”, нагласи тој.
Вториот предизвик, според него, е големиот одлив на стручен кадар.
„Како држави ние успеавме да го затвориме балканскиот мигрантски коридор за илегалните мигранти. Но, никако да успееме да ја спречиме миграцијата на нашите млади. По сè изгледа дека илегалните мигранти и нашите млади имаат едно нешто заедничко, а тоа е нивната дестинација – најразвиените европски центри. Таму можат да ги реализираат своите бизнис-идеи и да ги остварат своите животни планови. Нашиот регион се празни. Си заминуваат оние кои со своите таленти, образование и вештини создаваат реална вредност. Цената ја плаќаат и државите и компаниите“, рече македонскиот претседател.
Деветтиот Босфорски самит е организиран од Платформата за меѓународна соработка (ICP) под покровителство на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Во рамките на Самитот ќе се дискутира за неколку теми, како што се трговските војни, трговијата со локални валути, проектите за развој, глобалниот мир и обновливите видови енергија, од страна на експерти, академици, бизнисмени и политичари од неколку земји од светот.










