Премиерот Зоран Заев денеска на новинарско прашање во врска со бегството на Никола Груевски ги потврди информациите кои стигнаа од Албанија и Црна Гора, дека тој од таму пребегал во Унгарија и потврди дека тоа било сторено со дипломатско возило на Унгарија.
Тој рече дека не постојат дилеми дали Груевски се наоѓа во Унгарија, бидејќи било потврдено од официјални служби, и очекува екстрадиција.
Но, исто така и јавно го постави прашањето, дали Груевски доброволно ја напуштил Македонија пред да биде издадена потврдата за казната затвор или можеби бил киднапиран. Очекува Груевски и Унгарија да дадат одговор.
– Секоја амбасада е екстериторијалност, односно е територија на друга држава, секоја дипломатска кола, секој авион зависи кое знаме го носи е екстериторијалност. Таму нашата полиција или систем не може да делува, вклучително и на дипломатска кола.Од тој аспект јавно прашувам дали тоа тој доброволно го направил или бил киднапиран. Одговорот на ова прашање ќе даде одговори на многу прашања кои нашите граѓани заслужуваат да ги добијат – одговори Заев на прашањето на „Мета“, зошто спомнува киднапирање.
Премиерот рече дека истрагата на МВР ќе ги даде одговорите на сите прашања поради кои граѓаните, но и тој лично се гневни.
– Ги уверувам граѓаните дека ќе направиме се што е во наша надлежност Груевски да биде екстрадиран и да ја отслужи казната во Македонија. Нема да застанеме додека тоа не се случи. – додаде Заев.
За истрагата, истакна Заев, информирана ќе биде и ЕУ. Македонија очекува соработка од земјите-членки и пред се, како што напомена, почитување на меѓународното право.











