Владата на Унгарија потврди: Груевски поднесе барање за азил

0
257

Унгарската Влада конечно се огласи со официјално соопштение за бегството на Груевски, цели 24 часа откако тој  на фејсбук објави дека избегал во Унгарија и дека ќе бара политички азил.

„ Унгарија не сака да се меша во работите на другите земји. Евалуацијата на апликацијата за азил е правно прашање. Унгарските власти дозволија Груевски да го поднесе барањето за азил во канцеларијата за имиграција поради безбедносни причини„ пишува во соопштението од Владата во Унгарија.

Властите не откриваат каде е сместен Груевски, кој според информации на МВР уште во четвртокот вечерта ја напуштил Македонија.

Согласно унгарскиот закон, Груевски морал најпрво да биде задржан во еден од т. н. транзитни центри за баратели на азил. Доколку влегол во земјата од Србија, тогаш според унгарскиот закон, мора да биде вратен таму. Од Хелсиншкиот комитет изјавиле дека Владата на Унгарија треба да го врати Груевски во транзитната зона меѓу Унгарија и Србија, бидејќи тој нема пасош.

Но, поради добрите врски меѓу Груевски и унгарскиот премиер Орбан малку е веројатно  екс премиерот кој е осуден на двегодишна затворска казна да биде сместен во камп за бегалци.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петар Сијарто, на прес конференција која ја имаше утринава не одговори и покрај инсистирањето на новинарите како Никола Груевски стигнал во Унгарија без пасош.

Сијарто рече дека „нема право ниту овластување да сподели информации за тековна постапка за азил“.

” Претпоставувам дека предметот е во постапка за азил. Дотогаш, не можам да ви дадам повеќе информации“ рече тој.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека тој не заминал со авион, туку ја преминал границата преку „зелени“ премини кои не можат да бидат херметички затворени.

Спасовски рече дека Груевски е осуден за криминал и очекува да не му биде издаден азил , зашто Унгарија треба да ги почитува правилата на ЕУ.

Премиерот Заев го нарече Груевски „кукавица“ кој побегнал кога требало да ја понесе одговорноста и рече дека очекува Унгарија да ги почитува меѓународните принципи и да не штити криминалец.

Македонија ќе поднесе барање за екстрадиција на Груевски од Унгарија.

Извор:НоваТВ