ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со бегството на Никола Груевски, рече на прес конференција портпаролот на партијата Наум Стоилковски.
„ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со заминувањето на Никола Груевски, тоа не е опција дури и кога сите знаат дека се работи за политички прогон. Така се загрозуваат и другите лица кои исто така се цел на тој прогон“ рече Стоилковски.
ВМРО ДПМНЕ смета дека непотребно биле вознемирувани членови на партијата, иако Заев и Спасовски знаеле каде се движи Груевски.
„Министерот за прогон и терор Оливер Спасовски и Зоран Заев да одговорат кого лажат и кого замајуваат. Тие имајќи ги во раце неограничените ресурси на државната безбедност и под едни вакви услови сакаат и уште сакаат лажно да прикажат дека не знаеја, или не знаат за движењето на Никола Груевски? Тоа е дилема која треба тие да ја одговорат“ рече Стоилковски.
„ ВМРО-ДПМНЕ е под политички инструирана полициска опсада само заради евтин политички театар кој се случи поради покривање на сопствената немоќ и неспособност на власта. Беспотребно беа вознемирувани членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, беа претресувани недолжни граѓани, без налог, без посебна наредба која никогаш не беше презентирана во јавноста. Провокација за нов меѓумакедонски конфликт“ рече Стоилковски.










