Собраниската комисија утре ќе расправа за мандатот на Груевски

0
223

Во вторник ќе се знае дали Собранието на Република Македонија ќе му го одземе мандатот на поранешниот премиер, а сега пратеник Никола Груевски, кој е осуден на две години затвор за набавката на луксузниот мерцедес во предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

За одземање на мандатот ќе расправа Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која, според веб страницата на Собранието, има седница утре напладне со единствена точка на дневниот ред –Предлог за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски врз основа на добиено известување од Основниот суд Скопје 1 Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција за пресуда КОК бр.59/17 од 23.05.2018 година со која пратеникот е осуден на казна затвор во траење од две години.

Членовите на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во петокот се изјаснија дека нема да гласаат за одземање на мандатот на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Освен Канческа Милевска, во оваа група се пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски,  Владанка Авировиќ, Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајловска-Старова и Емилија Александрова.

Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на двегодишната затворска казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната. Адвокатите на Груевски најавија жалба.

Целата оваа постапка во максимални рокови би требало да заврши за 9 дена, односно до 8 ноември, кога е крајниот рок до кога Груевски треба да се пријави на издржување на казната затвор во Шутка.

Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци. Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.

Извор:НоваТВ