Во вторник ќе се одлучува за мандатот на Груевски

by Administrator

Во вторник, на 6 ноември е закажана седницата за разгледување на предлогот за одземање мандат на пратеникот Никола Груевски, објави Собранието на Македонија на својата веб-страница.

Седницата е закажана откако Основниот суд Скопје 1 го извести Собранието дека Груевски е осуден на двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.

Членовите на комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања  треба да одлучат дали Груевски е достоен да ја извршува функцијата пратеник. Конечната одлука треба да ја донесат пратениците на собраниска седница со двотретинско мнозинство.

Вчера Кривичниот суд ја одби молбата на екс премиерот Никола Груевски за одложување на затворската казна. Адвокатите на Груевски бараа тој да не замине на издржување на затворската казна на 8 ноември, поради пратенички обврски и обврските околу пишувањето на книга поврзана со неговиот докторат.

 Во соопштението од Судот пишува дека „ судија за извршување санкции при Основниот Суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по молба за одлагање на извршување на санкција определена со правосилна пресуда во предметот „Тенк“, донесе решение со кое ја одби молбата. Решението на судија за извршување санкции е испратено на странките во постапката.

По ова, Груевски има рок во наредните три дена да поднесе повторно жалба до Кривичниот совет, кој исто така има рок од три дена да одгоговори на жалбата.

Груевски е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“ и според упатниот акт треба најдоцна до  четврток на 8 ноември да се пријави во затворот Шутка.

You may also like