Словенечката амбасада ќе биде контакт амбасада за Македонија за членството во НАТО од 2019 година, соопшти денеска вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Словенија, Миро Церар, на заедничката прес-конференција во Скопје со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
– Таа должност Словенија ќе ја презеде од Хрватска која сега е таква амбасада и тоа ќе се случи во клучен период околу формулирањето на пристапните протоколи за нашето членство во НАТО, рече Церар.
– Македонија се наоѓа во еден историски момент. Одлуките што ќе бидат усвоени следните месеци ќе бидат од историско значење не само за Македонија, за нејзините следни генерации, туку и за целиот регион. Словенија сите овие процеси ги следи и силно и сериозно ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон евроатлантските интеграции, истакна Церар.
Министерот Димитров изрази задоволство што првата посета на Церар како шеф на дипломатијата е токму на Скопје со што се потврдуваат блиските пријателски односи меѓу двете земји. Ја нагласи силната словенечка поддршка за евроатлантските интеграции и во тој контекст ја посочи улогата на Словенија како контакт амбасада за Македонија за членството во НАТО од 2019 година.
Двајцата министри попладнево ќе присуствуваат и на отворањето на новите простории на Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија.
Извор:НоваТВ











