Во Собранието на Република Македонија и денеска ќе продолжи седницата на која пратениците расправаат за утврдување на потребата од предлогот на Владата за уставни измени за имплементирање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.
Пратениците од парламентарното мнозинство и опозицијата и вчера, на вториот ден од расправата, останаа на своите ставови „за“ и „против“ уставните измени.
За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ договорот од Преспа е штетен и политички и правно мртов, а при неговото склучување имало непочитување на претседателот и законските одредби од Уставот и Деловникот на Собранието, додека за парламентарното мнозинство не може да има подобар договор од овој и ако се отфрли на Македонија и се заканува долгогодишна изолација и стопирање на интеграцијата во НАТО и ЕУ.
Премиерот Зоран Заев рече дека процесот на преговори со Грција се водел најтранспарентно досега и за секој чекор бил информиран шефот на опозицијата, лидерите на поголемите политички партии и претседателот на државата, се до рамките со кои не се нарушувале преговарачките стратегии.
– Свесен сум дека немам 80 пратеници. Направив се што можев да направам за да имаме инклузивен процес. Носиме одлука да дадеме шанса да се отвори постапката, а на крајот не мора да ги гласаме уставните измени ако нешто е загрозувачки и тајно. Кој ни дал право јас и Димитров да изготвиме амандмани. Ние не смееме да чепнеме додека Парламентот не одобри, оти тогаш ќе ја силуваме демократијата и процедурата во државата. Ветувам дека заедно ќе ги работиме со сите вас. Ако не се договориме имате право да не ги гласате, им порача Заев на пратениците.
Тој посочи дека Владата е само овластен предлагач на уставните амандмани и е задолжена од Комисијата ако тоа го прифати Парламентот во рок од 15 дена да изготви нацрт-амандмани. Тука сум како прв во Владата, рече, да потврдам дека заедно ќе седнеме да ги работиме амандманите.
– Не смееме да си дозволиме сами да објавиме амандмани. Ние сме само изработувачи на нацрт-амандмани и заедно ќе ги работиме ако треба и овде во Парламентот ќе доаѓаме од Владата за да го потврдиме идентитетот, македонскиот јазик – дали во постојните амандмани или ќе изработиме и петти амандман. Грција нема ништо против нашиот идентитет и нашиот јазик. Спремен сум да разговарам со грчката страна затоа што тоа не е спорно. Проблемот е во разграничувањето преку Северна, потенцира Заев.
Целта, како што кажа, е да се најде спогодба која ќе води кон пријателство и нема да остави нови траги за во иднина нови влади, македонски или грчки, да прават некои дополнителни непријатности.
– Сега само се утврдува потреба за отпочнување на уставни амандмани, ќе има понатаму гласање за нацртот, ќе имаме двотретинско гласање за уставните амандмани. Тоа е процес којшто ќе трае повеќе од 100 дена. Затоа сум спремен да седнам со сите вклучитело и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да можеме да изградиме сценарио и консензус по ова прашање, посочи Заев.
Дел од пратенците се откажаа од дискусиите
Пратениците на ВМРО ДПМНЕ се откажаа од своите дискусии на собраниската седница за пристапување кон уставни измени.
Од дваесетина пратеници колку што беа пријавени, од своите говори се откажаа Весна Пемова, Зоран Ѓорѓиев, Лилјана Затуровска, Лилјана Кузмановска, Дафина Стојановска, Иван Иванов, Борис Змејковски.
На листингот на говорници останаа пратениците од ВМРО ДПМНЕ – Трајко Велјановски, Нола Исмаиловска и пратениците Владанка Авировиќ од СПМ и Панчо Минов од ГРОМ.
Според информации на НОВА ТВ, повикот да се повлечат и да не говорат во Собранието стигнал од раководството на партијата односно лично од претседателот Христијан Мицкоски, откако спикерот Талат Џафери не дозволи тој да се обрати на собраниската седница.
Извор:НоваТВ









