„На вчерашниот референдум народот го отфрли Преспанскиот договор. Со негласање, народот јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус.Тивкото мнозинство одлучи. Бојкотот е гласот на оние кои се потценети и не се слушнати”, истакна вечерва претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во своето обраќање до јавноста, јавува Anadolu Agency (AA).

Претседателот Иванов во своето обраќање порача дека пораката од народот е испратена до оние кои мора да ја слушнат.

„Реалноста е дека референдумот не успеа. Не се обидувајте да ја измените оваа реалност. Не ја потценувајте суверената волја на македонскиот народ. Не може да се зборува за волја на мнозинството во услови кога не е исполнет законскиот цензус за референдум. 36,9% излезност не е волја на народот, туку 63,1% кои не излегоа. Колку и да извртувате, не можете да ја промените реалноста. А реалноста е дека референдумот е неуспешен. Време е за одговорност пред македонскиот народ”, истакна Иванов.

Тој изјави дека „поддршката за ЕУ и НАТО е колатерална штета на непопуларниот референдум”.

„Поддршката за ЕУ и НАТО од над 80% ја сведовте на само 36,9%. Ги манипулирате и нашите граѓани, а на нашите европски и евроатлантски партнери им пласирате лажни претстави и перцепции. Држава не се води со слободно и неовластено толкување на Уставот и законите на Република Македонија”, рече Иванов.

Тој изрази очекување дека набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР сериозно да ги земе предвид приговорите околу нерегуларностите на одредени избирачки места.

„А на оние кои се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и непринципиелно заземаат страна им порачувам да ги почитуваат меѓународните конвенции за дипломатски односи. Не може оние кои имаат демократски дефицит да наметнуваат решенија спротивни на суверената волја на македонскиот народ”, рече Иванов.

Меѓу другото, претседателот на Македонија рече дека одлуката на граѓаните на референдумот обврзува и упати честитки до граѓаните за нивната одлука.

„На референдумот вие граѓаните непосредно ја остварувате вашата суверена власт. Собранието таа одлука мора да ја почитува. Затоа, им честитам на Македонскиот народ, на Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите за нивната одлука”, истакна Иванов.

Тој упати порака и до сите граѓани на Република Македонија кои вчера излегоа и го дадоа својот глас на референдумот.

„Само цврсто сплотени околу нашите државни интереси, почитувајќи го уставниот и правниот поредок може да го изодиме патот до европското и евроатлатското семејство. Немаме дилеми дека местото на Република Македонија е во ЕУ и НАТО. Но, таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди”, рече Иванов и додаде дека ова треба да биде поука за сите политички партии да внимаваат што и кому ветуваат и порача:

„А како граѓанин, пак, очекувам од владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум. Сите во животот се соочуваме со порази. Некој повеќе, некој помалку. Големината на човекот е да го препознае и признае поразот.”

Државната изборна комисија на Република Македонија (ДИК) денеска соопшти дека на вчера одржаниот референдум гласале 666.743 граѓани или 36,91 отсто од вкупно запишаните 1.806.336 во Избирачкиот список.

На референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, „за“ гласале 91,46 проценти, или 609.813 граѓани, а „против“ се изјасниле 5,65 отсто или 37.700. ДИК информираше дека неважечки се 19.221 ливчиња, односно 2,89 проценти.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, информираше дека согласно утврдените резултати, одлуката не е усвоена зашто не гласале повеќе од половината граѓани запишани во Избирачкиот список.