Во пресрет на референдумот, атмосферата на терен во однос на нерегуларности и кривични дела е мирна, оцени на денешната прес конференција, Џелал Бајрами, претседател на привремената Комисија формирана од Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРМ) за следење на евентуалните незаконски активности на претстојниот референдум.
Претседателот на Комисијата Џељаљ Бајрами на денешната прес конференција рече дека до ЈОРМ до сега е пристигната една кривична пријава во која партија се пожалила дека се врши поткуп пред референдумот без да прецизира за која партија станува збор.
„Упатувам повик до сите граѓани, невладини организации, до партиите, домашните и меѓународни институции кои ценат дека има неправилости поврзани со организирање и спроведување на референдумот истите да ги пријават на адресата на Јавното обвинителств. За сега атмосферата е мирна, се надеваме во ваква мирна атмосфера ќе се спрведе и референдумот. Ние будно ја следиме секоја активност“, рече Бајрами.
Тој информираше и дека се дадени задолженија на обвинителствата, покрај редовните дежурства да имаат и дополнителни за време на викендот со цел навремено делување доколку има пријави за сторени кривични дела.
Бајрами не сакаше да ги коментира наводите од партијата „Единствена Македонија“ дека постои исказ од заштитен сведок и дека по референдумот се спрема апсење на нејзиниот лидер Јанко Бачев.
На претстојниот референдум, Комисијата на ЈОРМ на дневна основа ќе ги следи сите настани поврзани со процесот на организирањето и спроведувањето на референдумот. За оние настани кај кои ќе биде оценето дека има индиции за извршени нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до надлежното јавно обвинителство во зависност од тоа каде е регистрирана нерегуларноста.
Од ЈОРМ велат дека на овој начин се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето и да се даде поголем придонес кон нивно сузбивање и превенирање.
Пријава за изборна нерегуларност ќе може да се поднесе на електронската адреса на ЈОРМ, referendum@jorm.gov.mk.
НоваТВ









