Министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Македонија на покана на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Како што соопшти МНР, Мас доаѓа во возвратна посета на Македонија по јунската средба со министерот Димитров во Берлин и на само 10 дена по историската посета на канцеларката Ангела Меркел на 8 Септември годинава. Посетата, додаваат од МНР, преставува дополнителна потврда на активната и недвосмислена поддршка од СР Германија во насока на остварување на нашите стратешки цели – полноправно членство во ЕУ и НАТО.
На средбата, министрите Димитров и Мас ќе разменат мислења за најновиот развој на внатрешно-политичките состојби во Република Македонија, реформската ЕУ и НАТО агенда, регионалната соработка, како и за подготвителните активности поврзани за успешна реализација на референдумот на 30 септември.
Нема подобро време за посета
– Не можам да си замислам подобар момент за посета. Владите на Скопје и Атина во јуни испишаа историја. Спорот за името стоеше 25 години меѓу Македонците и Грците. Сега постои историска шанса за надминување на овој спор, а со тоа би се надминала и една од одлучувачките пречки за приближувањето на Скопје кон Европската унија. Сакам да ги охрабрам Македонците да продолжат по овој пат. Истовремено јасно ќе пренесам: ние стоиме зад европската перспектива на Западниот Балкан. Тоа ќе остане така, изјави Мас во интервју за МИА пред посетата.
Тој најави дека освен со владините претставници, ќе се сретне и со опозицијата, истакнувајќи дека пораката што ќе ја пренесе е: „Политичарот, без разлика дали од опозицијата или од владата, треба секогаш да ја стави својата работа во служба на граѓанките и граѓаните на земјата. Тоа важи за Германија, а тоа важи и овде“, вели Мас.
Според Мас претстојниот референдум е одлучувачки патоказ за понатамошниот пат на Скопје во правец на ЕУ.
-Сепак, на крајот, Македонците треба сами да одлучат во која насока ќе се движат. Оваа одлука никој не може да им ја одземе, и добро е што е така. Важно е што е можно поголем број на граѓани да го искористат своето демократско право и да гласаат, вели тој.
Оценувајќи го Договорот со Грција, вели дека тој не е добар само за Македонците, туку дека и Грција ќе профитира од стабилноста и развојот во регионот.
-Во Договорот гледаме историска шанса, тоа важи за двете земји. Овој став ќе го истакнам и за време на мојата посета на Грција, изјави Мас во интервју за МИА.











