СКОПЈЕ (АА) – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој престојува во дводневна посета на Македонија, денеска во Градскиот парк во Скопје присуствуваше на свеченоста, по повод иницијативата за именување на една од градските улици во чест на неговиот татко, Торвалд Столтенберг, кој е почесен граѓанин на Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во своето обраќање на свеченоста потсети дека оваа година се одбележуваат 55 години од катастрофалниот земјотрес кој го погоди градот Скопје во далечната 1963 година, додавајќи дека ова воедно е и година на збогување со големиот пријател на Скопје, Торвалд Столтенберг.

Шилегов истакна дека е чест да се зборува за Торвалд Столтенберг, бидејќи неговите дела се насекаде околу граѓаните на Скопје. Тој рече дека граѓаните на Скопје го паметат Торвалд Столтенберг по несебичната помош во првите денови непосредно по земјотресот, со која Скопје добил Детска болница, била искоординирана активноста на Црвениот крст на Норвешка, биле изградени норвешките бараки, како и искоординирана помошта помеѓу Кралството Норвешка и Кралството Шведска.

„Господинот Столтенберг за нашиот град направи сѐ што еден човек може да направи за другите луѓе. Скопјани не можат, не смеат и нема да ги заборават овие негови дела. Токму поради тоа, јас како градоначалник ја покренав иницијативата, оваа улица, која како влез во Градскиот Парк е околу нашиот Градски стадион и води до кејот на нашиот Вардар, да биде именувана како улица „Столтенбергова““, рече Шилегов.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека му претставува задоволство да присуствува на свеченоста на која во Скопје се именува улица која ќе го носи името на неговиот татко. Тој се присети дека првпат го посетил Скопје во 1960-тите години, кога неговиот татко Торвалд работел во Амбасадата на Норвешка во Белград, кога имал посебна поврзаност со Скопје, бидејќи бил одговорен за координирање на помошта од Норвешка по земјотресот.

Столтенберг истакна дека му е драго да види дека Скопје како град се развил во многу области, како и тоа дека му се допаѓа атмосферата во Скопје.

Потсети и дека бил мал кога се случил земјотресот во Скопје, но дека сѐ уште ги памети разрушените згради.

„Во срцето на мојот татко секогаш имаше посебно место за Скопје, бидејќи беше близу Скопје по земјотресот. Му беше чест што беше назначен за почесен граѓанин на Скопје, а сега би бил почестен уште повеќе, кога би знаел дека една улица во Скопје е именувана со неговото име“, истакна Столтенберг на свеченоста, која по овој повод се одржа во Градскиот парк, на која присуствуваа градоначалниците на скопските општини.

По свеченоста, генералниот секретар на НАТО ги продолжи своите предвидени средби во рамки на неговата посета на земјата.

Инаку, Торвалд Столтенберг, таткото на Јенс Столтенберг, беше норвешки политичар. За време на својата политичка кариера тој беше министер за одбрана и двапати министер за надворешни работи во Владата на Норвешка.

Меѓу другото, во 1993 година беше назначен за специјален претставник на Генералниот секретар на Обединетите нации за поранешна Југославија и беше копретседавач на Надзорниот комитет на Меѓународната конференција за поранешна Југославија.