Собранието ќе врати 41 отсто од парите за кампања за референдумот

by Administrator

По барањето на Собранието за одобрување на финансиски средства за кампањата за референдумот која што ќе се спроведува од овластениот предлагач на Одлуката за референдум, Владата префрли 80 милиони денари на посебната наменска сметка на Собранието, која што ќе се користи исклучиво за спроведување на кампањата за референдум, информираат од Собранието.

„Алоцираните финансии исклучиво ќе бидат користени само за намената за која се распределени средствата, односно за кампањата којашто ќе биде спроведена од страна на 71 пратеник кои што се изјасниле дека се во коалицијата ЗА референдумот, што претставува 59 проценти од времето за повластено платено рекламирање во медиумите. Оттука информираме дека остатокот од алоцираните финансии за референдумска кампања, односно финансиите наменети за 41 процент од пратениците кои што во писмото до претседателот на Собранието се изјаснија дека бараат средствата за кампања да се пренаменат за други цели, истите не може да се пренаменат за други цели, односно истите ќе останат неискористени“, се вели во соопштението.

Собранието како корисник на средствата, има обврска, по завршувањето на кампањата да изготви извештај за потрошените средства и неискористените финансии ќе бидат веднаш вратени во буџетот.

Извор:Мета

You may also like