Кампањата почна – Oва е референдум, а не избори

by Administrator

Со конкретни активности во неколку општини коалицијата „Заедно за европска Македонија“ ја почна кампањата за поддршка на реферeндумот. ВМРО-ДПМНЕ уште не кажува каква кампања ќе води. Аналитичарите очекуваат културна и едукативна кампања, која ќе им помогне на луѓето добро да се информираат.

Со граѓански собир во Штип на кој ќе му претходи отворена трибина во Кочани на која ќе учествува премиерот Зоран Заев, коалицијата „Заедно за европска Македонија“ денеска и официјално ја започнува кампањата за поддршка на референдумот. Потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски, пак, ќе учествува на граѓанска трибина во општина Ѓорче Петров. Од координативното тело на коалицијата велат дека кампањата ќе се одвива преку секојдневни трибини низ целата држава, а ќе се одржат и неколку големи митинзи.

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се уште нема став за тоа дали и каква кампања ќе водат.

Укажувајќи на тоа дека постои разлика меѓу избори и референдумско изјаснување, упатените не очекуваат негативна кампања во која ќе преовладуваат лични навреди и остра реторика на политичките противници.

Во неделното интервју за радио Слободна Европа, Дарко Алексов, извршен директор на МОСТ објаснува дека се работи за два различни концепти.

„Кога имаме избори гласаме за личности, политички опции, табори, независни кандидати, роднини, пријатели и сл. Кога станува збор за референдумско изјаснување, тука немаме политичка опција. Тука имаме две едноставни опции, за или против. Сите оние кои се дел од тој процес кој се разбира не може да помине без политичките партии, имаат за задача на граѓаните наједноставно и најпрецизно да ги информираат за сите аргументи зошто би требало да гласаат за или против и адекватно на тоа граѓаните информирано да излезат и да гласаат според сопствено убедување и сопствена волја“, вели Алексов во интервјуто кое ќе го емитуваме во недела.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски очекува мирна кампања во која како што вели ќе преовладува умерена пропаганда. Кампањата за поддршка на референдумот на парламентарното мнозинство и владата ќе се води паралелно со кампањата на Европската унија, а ќе биде насочена кон објаснување на придобивките на земјава од зачленувањето во ЕУ и НАТО, вели Дујовски.

Повеќе на:РСЕ

You may also like