Со јавно обраќање до граѓаните премиерот Зоран Заев денеска го најави почетокот на кампањата за референдумот под слоганот „Сите „за“ европска Македонија“.

 

Тој во своето обраќање рече дека ова е важен ден за историјата на земјата, ден кога со цела политичка одговорност Коалицијата од  стотина групи граѓани, политички партии, синдикати, стопански комори застанува заеднички и одделно да ги повика граѓаните да гласаат „за подбра иднина, за европска Македонија“.

„Само еден настан од поновата историја може да се спореди со предизвикот со кој се соочуваме. Тоа е настанот од пред 27 години, денот кога сите гласавме за независна Република Македонија. На 30 септември заедно ќе ги обезбедиме нашите граници, ќе го афирмираме нашето културно наследство и нашата посебност. И ќе добиеме сигурна иднина како членка на НАТО и Европската Унија (ЕУ). Време е Македонија уште брзо да тргне по вистинскиот пат. Тоа е пат кој е над дневните расправии на политиката и жестоките полемики во нашето општество. Знам дека на сите ни станува јасно дека треба да ја зграпчиме оваа долго очекувана шанса за промена“, рече Заев.

Нема политички, етнички или демографски разлики во врска со нашата иднина, рече Заев и ја повика опозицијата да се приклучи кон кампањата „Излези за европска Македонија“.

„Ги повикувам сите да се приклучат на тој пат. Јас сум убеден дека и ВМРО-ДПМНЕ која е поборник за нашата интеграција во ЕУ и НАТО има силни причини да се приклучи. Знам и дека тие се за Европската унија и дека се против Договорот со Грција. Критикувајте не’ за Договорот но немојте да ја испуштите оваа шанса која е неповторлива. Затоа ги повикувам и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат и да покажат дека Европа и НАТО се над дневната политика“, рече Заев.

Тој кажа дека со кампањата ќе информираат граѓаните за придобивките од интеграцијата на земајта во ЕУ и НАТО и дека Договорот со Грција е договор за македонската иднина. Заев уверува дека придобивките од влезот во ЕУ и НАТО ќе бидат брзо видливи за сите граѓани на Македонија.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети рече дека граѓаните и прогресивните сили веќе се убедени дека референдумот носи одржлив мир, општествена благосостојба, економски развој и добри меѓуетнички односи.

„Ја повикувам опозицијата како и сите оние кои се уште се двоумат поради дневно политички потреби да се надминат себе си и да застанат заедно со прогресивните сили во земјава. Ова е референдум за подемократско општество со целосно владеење на правото, редот и законот како и за беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал“, рече Ахмети.

На промоцијата на кампањата по повод претстојниот референдум актерката Сабина Ајрула кажа дека „се покажа дека не можеме да тргнеме напред без да ги разгледаме трезвено околностите што не доведоа до овој можеби најзначаен чекор во историјата“.

„Историјата не познава лесни одлуки и апсолутни победници. Убедена сум дека идејата што треба да не движи напред е заедничката среќа. Сметам дека единствен пат кон остварување на таа идеја е патот кон Европската Унија. Тоа што сме никој и никогаш не може да ни ги оспори. Јазикот и културата секогаш ќе бидат чувани од следните генерации ако не ги оставиме во очај“, порача Ајрула.

На 30 септември 2018 година граѓаните, доколку излезат на референдумот ќе имаат можност да се изјаснат „за“ или „против“ прашањето „Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со поддршка на Договорот со Грција“.

Извор:НоваТВ/Фото:МИА