Македонските рудари го слават светскиот ден на рударите

0
227

Рударите во земјава денеска во своите домови и рудници ја слават својата заштитничка Голема Богородица, а на 31 август ќе се одржи централната прослава во организација на Министерството за економија во Скопје, каде ќе бидат наградени најдобрите рудари од македонските рудници. Инаку, во рударскиот сектор во земјава работат над 12.500 работници (заедно со преработувачкиот).

Рударството во Македонија учествува со еден отсто во БДП, а околу 9,5-10 отсто во индустриското производство. Вкупниот извоз од рудниците на обоени метали е околу 160 милиони долари, а увозот е околу 60 милиони долари. Односот на увозот и извозот кај неметаличните суровини е многу понегативен.

И злетовските рудари го одбележуваат Денот на рударите и нивната заштитничка Голема Богородица со низа на културно-уметнички манифестации во организација на општината.

Во рамки на одбележувањето на Денот на рударите синоќа се одржа свечената седница на Советот на општина Пробиштип на која присуствува и министрите за внатрешни работи и за здравство, Оливер Спасовски и Венко Филипче.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов додели награди на вкупно шест институции и личности кои дале голем придонес за општината. Во име на наградените се заблагодари Коста Балабанов, кој со своето лобирање ја донесе и една од најголемите инвестиции во општината, а тоа е Хидросистемот „Злетовица“, кој со вода за пиење треба да снабдува вкупно шест општини, а во моментов на него се приклучени само Пробиштип и Свети Николе.

Во општина Пробиштип во моментов работат рудниците „Злетово“ и „Стрмош’, а кој оваа година е продаден на странски инвеститор.

Раководството на рудникот „Бучим“ ја достави документацијата за добивање дозвола за отворање на новото рудно тело „Боров Дол“, што треба да ја продолжи работата на единствениот рудник за бакар и злато во земјава. Новото рудно тело, кое се наоѓа на неколку километри од рударскиот комплекс ќе значи сигурна работа за рударите, а не ставање катанец на врата на овој рудник по 2019 година, бидејќи рудните резерви се веќе исцрпени, вели во интервјуто за МИА претседателот на Македонската Асоцијација за рударство, Николајчо Николов.

„Но мора да се спомне дека 2019 година практично е и последната година на експлоатација на „ Бучим“.Затоа раководството на „Бучим“ и инвеститорот од поодамна работат на отварањето на новото рудно тело Боров Дол, кое треба да биде подготвено да дава руда од 2020 година. Практично сме во доцнење, а една од причините е и негативната кампања против рударството и стравот на инвеститорите. Барањето на дозвола за експлоатација, комплетирано со потребните документи, вчера го предадовме, во пресрет на празникот и очекуваме дека Министерството за економија во најкратко можно време ќе ни ја даде дозволата за експлоатација и на тој начин го барем малку го надоместиме изгубеното, вели Николов.