САД дава поддршка Македонија да стане членка на НАТО, рече Димитров по средбата со Помпео

0
233

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера во Вашингтон имаше официјална средба со државниот секретар Мајк Помпео кој дал силна поддршка Македонија наскоро да стане 30-та членка на НАТО.

– Ова е многу важен момент за македонската дипломатија. Со државниот секретар Мајк Помпео денеска имавме средба што силно охрабрува – изјави Димитров по средбата.

Тој додаде дека тајмингот на средбата е од огромна важност.

– Како што е познато, фокусирани сме на домашните задачи. Потребна е победа на референдумот кој ќе го потврди Договорот што го постигнавме со нашите пријатели од Грција. Македонија има намера да стане рамнопрвна членка на воената алијанса, и нашите американски партнери даваат целосна поддршка во тоа – изјави Димитров.

Укажа дека со вакви охрабрувачки ноти од САД утре се враќа во Македонија лично да ја пренесе пораката до македонскиот народ.

Министерот за надворешни работи најави активна кампања во пресрет на референдумот во која преку медиумски и онлајн контакти со јавноста ќе појасни за историската важност на Договорот со Грција и влезот на Македонија во НАТО.

Помошникот државен секретар за европски прашања, Вес Мичел, го поздрави својот македонски колега за успешниот Договор помеѓу Македонија и Грција постигнат во Преспа.

– Како еден од архитектите на Договорот, министерот Димитров играше критична улога во целиот процес. САД силно ги поддржуваат напорите на македонската Влада. Ја цениме улогата што Димитров ја игра во целиот процес и САД пожелуваат и се надеваат на успешен референдум – изјави Мичел.

Извор:Мета