ОБСЕ -ОДИХР во својот прв извештај пред референдумското изјаснување ги нотира сите отворени дилеми околу финанисирањето на кампањата и медиумското покривање пред гласањето на 30 септември.
„Повеќето соговорници сметаат дека Законот за референдум е застарен, укажаа на недостаток на експлицитни одредби во врска со кампањата, финансирање на кампањите и обврските на медиумите … и изразија загриженост во способноста на ДИК, ефективно да го регулира референдумот со ваква правна рамка, вклучувајќи го и самиот ден на референдумот. Исто така соговорниците на ОДИХР изразиле и загриженост дека точноста на Избирачкиот список може значително да влијае на интегритетот на референдумскиот процес.
Законот за референдум укажува само дека “овластениот предлагач” на референдумот може формално да спроведе кампања. ДИК оваа одредба ја толкуваше како Парламентот во целост иако останува недефинирано кој има право да води кампања – членови на парламентот или парламентарни партии.
Од партиите рекле дека најголем дел од кампањата ќе ја водат преку социјалните медиуми и он-лајн.„ Со оглед на недостатокот на регулатива и надзор на интернет, некои соговорници изразиле загриженост дека ќе се шират лажни информации преку социјалните медиуми, и дека е можна употреба на остра реторика во текот на кампањата“.
Во Извештајот, ОБСЕ – ОДИХР констатира и дека во Законот за референдум нема експлицитна забрана за злоупотреба на државните ресурси за кампањата и е нејасно што може да се смета за дозволено.
Во однос на медиумите, ОДИХР пишува дека „законодавството не ја регулира улогата на медиумите на референдумот, недостасуваат детали за правата на комерцијалните и државните медиуми и што претставува еднакво покривање“.
За референдумското прашање „Дали сте за влез во Европската унија и НАТО членство со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? некои од соговорниците на ОБСЕ ОДИХР изразиле загриженост дека прашањето е недоволно јасно и не се однесува конкретно на промена на името на државата, а други ја истакнале важноста од нагласување на влијанието на референдумот врз ЕУ и НАТО интеграцијата.
Невладини организации изразиле жалење дека се уште не е олеснет пристапот до гласачките места за лицата со физички хендикеп и визуелни недостатоци.
Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР е пишуван по средбите со претставниците на државни институции, партии, медиумите, граѓански сектор и со претставнции на меѓународната заедница.
ОДИХР референдумот на 30 септември ќе го следи со 250 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи.
Извор:НоваТВ








