НАТО капетанот Бартол повика на масовност на референдумот

0
236

Шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, морнаричкиот капетан Горазд Бартол во интервју за МИА изрази надеж дека следната година, кога Алијансата ќе одбележи 70 години од основањето, во седиштето на НАТО во Брисел ќе се вее и македонското знаме.

Во интервјуто за МИА тој говори за процесот на разговорите, кои и официјално почнаа кон крајот на месецот, откако земјата на Самитот во Брисел доби покана за членство, појаснува дека терминот е пристапни разговори, а не преговори, дава оценка за подготвеноста на земјата да стане дел од Алијансата, ги појаснува придобивките што една земја ги добива кога станува дел од НАТО.

Словенечкиот капетан ја потенцира важноста од конечно решавање на спорот со Грција за името, како главна препрека на нашите евроатлантски интеграции. Верува дека граѓаните во земјата ќе излезат и ќе гласаат позитивно на претстојниот референдум, нагласувајќи оти тие треба да ја искористат оваа историска прилика за земјата.

Зборувајќи за поетокот на преговори со НАТО тој вели дека штом Македонија ги завршите сите национални процедури и откако сите НАТО сојузници ќе го заокружат процесот за ратификација, земјата ќе стане 30 членка на НАТО.

„Во НАТО е договорено помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалес да го предводи тимот на НАТО во пристапните разговори. За време на овие разговори, експертите на НАТО и претставници на вашата земја ќе дискутираат за тоа и ќе го потврдат интересот, волјата и способноста да се почитуваат политичките и воени обврски и посветеност за членство во НАТО, меѓу кои и ратификација на сите потребни меѓународни договори и протоколи. Паралелно со пристапните разговори, во рамки на континуираното учеството на вашата земја во Акцискиот план за членство, тимот на НАТО, исто така, со вашата Влада ќе ги разгледуваат специфичните прашања и реформи врз основа на кои ќе се очекува да се оствари прогрес пред и доколку е потребно и после пристапувањето со цел да се зајакне вашиот придонес кон Алијансата“, вели Бартол.

Бартол смета  во јавноста постои забуна околу тоа што всушност Македонија постигнала на нејзиниот пат за интеграција во НАТО и појаснува дека пости јасно разграничување меѓу пристапни разговори со НАТО, што разрешуваат некои важни прашања и старт на преговори за членство во ЕУ, што може да траат многу долго време.

„Затоа, важно е да се употребува точниот термин – вашата земја доби покана од НАТО за почеток на пристапни разговори, а не преговори. Околу пристапните разговори со НАТО, можам да ги потврдам проценките на вашата Влада дека, исто така, и ние во НАТО планираме да ги завршиме за неколку месеци. Причината зошто поминавте толку многу циклуси од Акцискиот план за членство е политичка – бидејќи заемно прифатливо решение за прашањето за името не можеше да биде постигнато подолг период. Многу ми е мило дека со Договорот од Преспа и со негова имплементација, прашањето конечно ќе биде затворено“, изјави Бертол.

Анализирајќи за подготвеноста на Македонија да се приклучи на НАТО Сојузот, Баертол вели дека со одлуката на НАТО Самитот во Букурешт, НАТО уште во 2008 на некој начин одлучил дека земјата технички е подготвена да влезе во НАТО.

„За жал, десет години беа потребни за да конечно се најде заемно решение на прашањето за името. За време на овие десет години, земјата и нејзиниот одбранбен систем не направија напредок колку што можеа. По формирањето на сегашната Влада во 2017, министерот за одбрана со нејзината мотивација и политичка способност, почна многу брзо да го менува трендот и да спроведува потребни чекори за да се реформира системот за одбрана. Исто така, од голема важност е тоа што земјата се обврза да го зголеми буџетот за одбраната. Инвестирање во одбраната е клучно за НАТО бидејќи ние мора да ја одржуваме нашата безбедност во еден свет кој станува се понепредвидлив“, смета Бертол.

Словенечкиот генерал верува дека граѓаните во ќе излезат и ќе гласаат позитивно на претстојниот референдум, нагласувајќи оти тие треба да ја искористат оваа историска прилика за земјата.

„Со оглед на огромната поддршка за НАТО во земјава, над 70 отсто, ги повикувам граѓаните јасно да го искажат своето мислење во голем број. Не само како претставник на НАТО, но и како Словенец, кој е се уште некако емотивно поврзан со вашата земја – цврсто верувам дека ќе ја искористите историската прилика, не само во интерес на сегашните генерации, туку и во интерест на идните. За жал, многу е јасно дека без финализација на договорот, која вклучува и промена на Уставот, вашата земја не може да стане членка на НАТО во скора иднина.Членство во НАТО го зајакнува суверенитетот на земјата. Членство во НАТО, исто така, треба да има влијание врз економијата, подобри рејтинзи на вашата земја која станува поатрактивна за странски инвеститори, итн. Исто така, вашата земја ќе добие свое место на масата на НАТО и ќе можете активно да учествувате во оформувањето на политиките на НАТО“, вели Бертол.

Прашан дали очекува вмешување на надворешни фактори како на пример можно руско попречување на велзот на земјата во НАТО, Бертол вели дека тоа е прашање на Македонија и другите 29 членки на Алијансата и дека никој друг нема право да се меша.

Извор:НоваТВ