На опозицијата и порачав и ќе продолжам да ја пренесувам таа порака дека на оваа ситуација треба да ја гледа стратегиски, да ја стави Македонија на прво место, и да мисли за иднината на младите луѓе, и што како иднина нуди Договорот од Преспа – изјави Метју Палмер, вршител на должноста заменик-помошник државен секретар во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави за Европа и Евроазија.
По средбите со претседателот Иванов, премиерот Заев и претставниците на политичките партии , Палмер рече дека остварил плодни разговори и Договорот за името го оцени како историски, исто како што рече дека и претстојниот референдум ќе биде од историско значење.
– Референдумот ќе биде добра можност граѓаните да излезат и слободно да се изразат, ослободени од погрешни информации – рече Палмер.
Запрашан што мисли за преговорите меѓу Белград и Косово, тој кажа дека САД го поддржуваат дијалогот помеѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ, и дека не е на САД да ги надгледува преговорите.
Претседателот Иванов на средбата со Палмер посочил дека Република Македонија уште во 2008-та година ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во НАТО мисиите, заедно со земјите-членки, Република Македонија го заслужува членството без дополнителни услови.
– Во однос на постигнатиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Грција, претседателот Иванов истакна дека не прифаќа договор со кој се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите и претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси – пишува во соопштението од Кабинетот на Иванов.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на средбата истакна дека ВМРО ДПМНЕ е политичка партија за која клучни приоритети на надворешно- политички план и се членството во НАТО и ЕУ, и развој на односите со САД.
Притоа тој потенцираше дека државата, граѓаните и надворешните пријатели на Република Македонија стануваат заложник на неодговорна и непринципиелна политика на политичкиот естаблишмент на власта, како и креираните очекувања кои сега не се во состојба да ги реализираат.
Палмер ќе учествува и на прославата на Илинден утре во Крушево и ќе се сретне со официјални претставници на локалните власти надвор од Скопје.
Извор:НоваТВ











