Заев: Прашањето е познато, референдумот ќе биде консултативен

0
239

Премиерот Зоран Заев очекува поддршка од пратениците од владејачкото мнозинство во Собранието за отпочнување на иницијативата за референдумот. Од кумановско Черкези, премиерот повтори дека 30 септември е целниот датум за одржување на референдумот.

„Тоа што јас го знам е дека процедурите се отпочнати во Собранието.  Оттаму веројатно денеска ќе има информации. Она што јас сум информиран во консултација со пратеничката група на СДСМ, ДУИ и сите други пратенички групи и пратеници од мнозинството, огромно е мнозинството на пратеници кои со свој потпис стојат зад отпочнување на иницијативата за распишување на референдумот“, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање.

Тој ја повика опозицијата да се вклучи и да ги повика граѓаните да излезат на референдумот.

„Знам дека прашањето е тоа кое што го објавивме – Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Р.Македонија и Р.Грција, знам дека референдумот ќе биде консултативен и уште еднаш само ја користам приликата опозицијата навистина да се вклучи и да повика на гласање за да можат граѓаните да излезат масовно и да го кажат својот глас“, изјави Заев.

Премиерот Заев нагласи дека ова е историска одлука што ја дефинира иднината на државата.

„Знаете дека ова е историска одлука не само заради тоа што е референдумска одлука, туку заради тоа што преку таа одлука се дефинира и иднината на нашата Република Македонија“, рече премиерот Зоран Заев.

Премиерот нагласи дека сите чинители во општеството се должни да создадат услови за граѓаните доволно да бидат мотивирани да излезат и да гласааат и да дадат поддршка, со што ќе се заокружи 27 годишната аспирација на држвата кон НАТО и ЕУ. Тој е убеден дека земјата е на вистинскиот пат и верува дека референдумот ќе успее.

Извор:НоваТВ