Донесена одлуката за референдум за името – ќе се гласа на 30 септември

0
324

Собранието на Република Македонија со 68 гласови „за“ и без „против“ и „воздржан“ попладнево донесе одлука на 30 септември 2018 да се одржи референдум за името кој ќе биде консултативен.

Томсилав Тунтев од СДСМ рече дека со Одлуката за распишување референдум е историска одлука со која се создаваат услови Македонија да стане европска држава која ќе ги дели истите вредности заедно европските демократски сили.

„Процесите што следуваат во наредниот период се коцки од мозаикот кој кога ќе биде завршен ќе обезбеди безбедна и стабилна иднина. Знам дека одлуката не е лесна. Знам дека за сите, ова е сериозно и на моменти болно прашање. Но ЕУ и НАТО се единствената алтернатива што ја имаме. Друга можност немаме. Пред нас е шансата да изградиме европската иднина за нашите деца. Ги повикувам претставниците на опозицијата и НВО секторот, како и сите граѓани да се обединиме и заедно да го составиме овој мозаик“, рече Тунтев.

На гласањето не учествуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои излегоа од собраниската сала откако нивниот пратеник Никола Мицески го изнесе партискиот став дека референдумското прашање е непрецизно, повеќезначно и манипулативно за јавноста. Со тоа што е консултативен референдумот, рече тој, се отвора можност резултатот да се толкува како што се сака.

„Со тоа што референдумот е консултативен тоа покажува дека за вас ова е само форма и остава можност резултатот да го толкувате како сакате, иако според законот оваа одлука треба да биде задолжителна. Дали ако нема цензус, а повеќето граѓани гласаат „за“, тоа може да се толкува како одобрување и институциите да продолжат со реализација на овој договор? Мое мислење е дека тоа е целта. Ги наведувате граѓаните, она што не го сакаат, Договорот со Грција, да го поистоветат со влез во ЕУ и НАТО што е сон на секој граѓанин. на овој начин брутално ја кршите демократската практика“, рече Мицески.

Џеват Адеми од ДУИ пак рече дека е свесен дека „за дел од сограѓаните Македонци сето ова е болно“ и изрази надеж дека на 30 септември „граѓаните ќе знаат да ја исполнат историската мисија“.

Поддршка за Предлог-одлуката за распишување на референдумот дадоа и од Движењето Беса. Реџеп Мемеди рече дека во време кога се отвораат протите на ЕУ и НАТО но и во време кога има идеи за менување на границите, „сите треба да сме заинтересирани Македонија да биде и да остане стабилна земја.

„Движењето Беса е подготвено за компромиси за да ја оствариме оваа цел. Сега се појави можноста за влез во ЕУ и НАТО но и идеи за менување на границите. Затоа треба да сме свесни дека членството во НАТО е клучот за стабилност на земјата. Сите сме заинтересирани Македонија да биде и да остане стабилна земја. Како Албанец ги замолувам Македонците сериозно да размислат за иднината на нашите деца, вашиот јазик и вашата иднина. Можеме заедно да ја водиме битката за вашиот идентитет“, рече Мемеди.

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, пак, во текот на расправата рече дека референдумот не е потребен и дека ќе гласаат воздржано. Забележа што со Договорот со Грција се елиминираат, како што рече, другите народи од личните документи, и што албанскиот не е означен како службен јазик.

„Албанската опозиција беше исклучена од процесот на донесување на Договорот со Грција. Информациите ги добивавме од медиумите и тоа е многу некоректно од страна на владејачкото мнозинство. Алијансата за Албанците смета дека референдумот не е потребен но бидејќи Договорот е ратификуван тој за нас е службен документ сеедно што не е потпишан од претседателот на државата. Ние ќе бидеме воздржани при гласањето на Предлог-одлуката“, рече Села.

Референдумот ќе се одржи на 30 септември 2018 година.

Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

За да биде успешен, на референдумот ќе треба да излезат најмалку половина плус еден од вкупниот број запишани гласачи во Избирачкиот список (околу 900 илјади граѓани) и ако мнозинството од нив гласаат „за“.

Извор:НоваТВ