Кабинетот на Претседателот на Република Македонија нема законска обврска да прифаќа дополнителни „алатки“ за транспарентноста со раководењето на буџетот на институцијата а Кабинетот и понатаму, како и досега, ќе продолжи со отчетност за доверениот буџет, пишува во писмената реакција што денеска до јавноста ја испрати Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по денешното соопштение на СДСМ во кое е упатена критика до Иванов дека одбива да даде отчет за трошоците од неговото работење.

„Ја информираме јавноста дека во Република Македонија постојат механизми за проверка на финансиското работење на државните институции. Претседателот Иванов до сега ги почитувал и во целост ги исполнувал пропишаните законски регулативи што го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија“, пишува во реакцијата на Претседателот.

За Претседателот нејасно е на кој начин може Роберт Поповски, министер без ресор, „да наложува и да бара од институцијата Кабинет на Претседател да прифати вакви мерки, за кои веќе постојат механизми, освен ако не се работи за популизам, што за Кабинетот на Претседателот е неприфатливо“.

За своите тврдења, од Кабинетот на претседателот Иванов упатуваат на последниот извештај на Центарот за економски анализи кој прави мониторинг на исполнување на Итните демократски реформи и Планот „3-6-9“ во делот на јавните финансии и економијата.

„Од друга страна, јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со непотпишувањето на Указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата со Грција“, пишува во реакцијата на Иванов.

Не 13 јуни годинава во обраќањето до нацијата Иванов изјави дека неговиот став е конечен и нема да го поколебаат никакви притисоци, уцени и закани.

„Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор“, изјави тогаш претседателот Иванов.

Претходно денеска, СДСМ објави соопштение во кое пишува дека целокупното политичко делување на Ѓорге Иванов е „на штета на државата и граѓаните“.

„Со одбивањето на Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење Ѓорге Иванов им го ускартува правото на граѓаните редовно, точно, објекативно и транспарентно да бидат информирани за трошоците од неговото работење. Со тоа Иванов покажува непочитување кон граѓаните. Очигледно за Иванов граѓаните не се важни и со одбивањето на Алатката за транспарентност крие за што ги троши нивните пари. Граѓаните имаат право на сите информации за трошењето на нивните пари и тоа од страна на Владата ќе се спроведува и во иднина“, пишува во соопштението на СДСМ.

Извор:НоваТВ