Премиерот Зоран Заев денеска изрази, како што рече, огромно задоволство од вчерашната одлука за добивање датум за преговори со Европската унија во јуни 2019.

„Имајќи предвид дека во мај 2019 година се изборите за Европскиот парламент, одлуката на ЕУ е комплетно со нашите очекувања. Ние сме среќни и дополнително мотивирани“, рече Заев денеска пред почетокот на својот говор на 98. РОС-РОТ семинар во Собранието.

Тој им се заблагодари на сите земји членки на Европската унија за оваа, како што рече, мотивирачка одлука за Македонија.

„Посебно ми е драго што нашите соседи, Бугарија и Грција водеа плодна дискусија и се изборија за оваа посакувана одлука за Македонија како и за Албанија, рече премиерот.

Тој исто така и честита и на Албанија за вчерашната одлука на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург.

Одговарајќи на прашања на присутните, Заев кажа дека во петок ќе има состанок со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и дека после тоа на прес конференција ќе биде објавено очекувањето на Одлуката на 11 и 12 јули годинава, на Самитот на НАТО за покана на Македонија за полноправно членство во оваа Алијанса.

Премиерот Заев е убеден дека сите членки на НАТО ќе го ратификуваат Договорот.

„Ќе ни треба помошта од пријателите тоа да биде побрзо заради тоа што Македонија долги години чека пред вратите на НАТО. Верувам дека ова силно охрабрување не само за нас, туку и за останатите земји кандидати за членство во НАТО ќе значи силна мотивација да продолжат по патот по којшто се движеше Македонија и еве успеа конечно да ја добие поканата од НАТО“, рече Заев.

Претходно, во своето обраќање Заев кажа дека Македонија од независноста измина тежок пат и потсети дека земјата потпиша Договор за пријателство со Бугарија, како што рече, „ставајќи крај на цела декада штетни политички ставови на двете страни“.

Со Договорот за името, Заев кажа дека ќе се создадат и нови услови за соработка и трговија со Грција.

Премиерот потенцира дека Македонија освен решавањето на спорот со името, ќе работи на спроведување на реформите коишто од неа ги бара Европската Унија и НАТО за што има општествен консензус.

Извор:НоваТВ